Економија
ДИГИТАЛИЗАЦИЈАТА КАКО НЕСОПИРЛИВ ГЛОБАЛЕН ТРЕНД!
Штефан Петер
Претседател на Советот на странски инвеститори
Дигитализацијата е мега тренд кој ќе влијае на градењето на идното општество. Како мега тренд таа има способност да изнајде начини да ги заобиколи сите пречки кои се наоѓаат на нејзиниот пат. Но, многу компании и организации се обидуваат да се спротивстават на ваквите мега трендови на различни начини, живеејќи со илузијата дека е можно да се спречат. Историјата ни кажува дека ова не е можно и дека сите такви обиди се осудени на пропаст.
Дигитализацијата не е техничка еволуција, туку индустриска и социјална револуција водена од граѓаните и од клиентите. Постојат бескрајни можности за промена на начинот на кој живееме, работиме и комуницираме со новата технологија. Промената се појавува со таква брзина што никогаш не сме ја посведочиле претходно. Дури и нашата социјална и политичка структура ќе биде прилагодена во склад со дигитализацијата, глобализацијата и урбанизацијата. Доколку ги набљудуваме компаниите (од различни индустрии) во детали, забележуваме дека „дигиталните компании“ се разликуваат од „традиционалните компании“ во начинот на кој тие се управувани. Појдовна точка за корпоративното управување кај „дигиталните компании“ се клиентите и брзите промени на пазарот. Ова се нивни витални карактеристики на корпоративното управување за да можат да преживеат на дигиталните пазари каде што промената е брза, жестока и се однесува на иднината. Брзината е вградена во ДНК на овие компании со цел брзо да одговорат на новите побарувања на купувачите, на конкуренцијата или на новите пазарни трендови. Прашањето кое тие често си го поставуваат е: Како да го минимизираат централизираното управување со цел да им се отвори поширок пат за иновација и креативност на производните/услужните единици кои работат поблиску до клиентите?! Преголемата бирократија, процеси и контрола би имале спротивен ефект. Од друга страна, „традиционалните компании“ се изградени во поинаква, предвидлива и побавна пазарна состојба каде што продуктивноста, стабилноста и контролата се појдовна точка за корпоративното управување. Далеку сме од заклучокот дека тие се „лоши“, но за идните пазарни услови можеби би биле многу побавни, a бавноста може да ги „убие“.
ОНА ШТО ГО НАУЧИВМЕ ОД ИСТОРИЈАТА Е ДЕКА ВРАЌАЊЕТО НА СТАРИТЕ НАЧИНИ НА ФУНКЦИОНИРАЊЕ НИКОГАШ (ИЛИ МНОГУ РЕТКО) НЕ ФУНКЦИОНИРААТ. САМО ОНИЕ КОИ ЌЕ ГИ ПРИФАТАТ ПРОМЕНИТЕ И НОВИТЕ ПАЗАРНИ ПРЕДУСЛОВИ НА КОНКУРЕНТНОСТА И НА ОПШТЕСТВОТО ИМААТ СИГУРЕН ПАТ КОЈ ВОДИ ДО УСПЕХОТ. НАМ НИ ОСТАНУВА ДА ОДЛУЧИМЕ КОЈ ПАТ ЌЕ НÈ ВОДИ
Бизнисот не трпи сентименталности. На компаниите, кои не можат да се натпреваруваат во новиот свет, ќе им биде сѐ потешко да се справат со ваквиот конкурентен пазар каде што престојуваат „дигиталните компании“. Компаниите кои учат како да се усогласат со новите пазарни предуслови (ќе) напредуваат.
Иако компаниите ја признаваат потребата за брзина и агилност, повеќето компании го задржуваат својот традиционален систем за корпоративно управување. Она што е важно да се потенцира е дека – дигиталната трансформација не се однесува на технологијата, туку на лидерството, на промените и на стилот на управување, сите вметнати во корпоративното управување и култура. Оние кои ја разбираат оваа промена во парадигмата имаат шанса да преживеат. Сепак, повеќето „традиционални компании“ ја сметаат дигитализацијата како техничка еволуција, а не како револуција во управувањето. Она што го научивме од историјата е дека враќањето на старите начини на функционирање никогаш (или многу ретко) не функционираат. Само оние кои ќе ги прифатат промените и новите пазарни предуслови на конкурентноста и на општеството имаат сигурен пат кој води до успехот. Нам ни останува да одлучиме кој пат ќе нѐ води.
(Економија и бизнис, печатено издание, ноември 2018 година)