Економија
БЕРЛИН – EВРОПСКИОТ ГРАД НА СТАРТАПИТЕ
Игор Изотов
Авторот е интернационален стартап консултант
Во Берлин средината на ноември е традиционално резервирана за еден од поголемите натпревари за претставување (pitching) стартапи што е во организација на Бетахаус и се одржува секоја година.
Бетахаус преку локалните проекти „Бетапич“ патува низ целиот свет барајќи ги најиновативните стартап компании кои можат да направат светски производ, а во 2018 година беше направен избор во 12 различни града низ целиот свет. Победниците се собраа во Берлин каде што се натреваруваа за една од главните награди.
Од оваа година и македонските стартапи имаа можност да бидат дел од глобалниот проект на Бетахаус наречен „Бетапич“, проект каде што македонските стартапи имаат можност да ги претстават своите бизнис-идеи пред претставниците на Бетахаус. На „Бетапич Скопје 2018“ се пријавија 25 компании, од кои 8 со седиште надвор од Македонија, а 5 дојдоа од наставен кадар и студенти при УКИМ.
Како еден од победниците, Елевејт глобал освои парична награда од 5 000 евра и потврди дека местото на македонските иноватори и стартапџии е на светскиот пазар. Поради квалитетот на дигиталните решенија, освен победникот Елевејт глобал, во Берлин се претставија и Вејпур апс (Vapour Apps) и Интелори (Intelory).
Локални партнери за Македонија се Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ при ФЕИТ/УКИМ и Фондацијата проф. д-р Димитар Стамболиев кои и во наредниот период преку новоотворениот бизнис-акцелератор ќе работат со стартапи како со менторска, така и со финансиска поддршка.
Но, што се тоа претставување (pitching), стартапи, Бетахаус, акцелератор и зошто баш оваа „победа“? Берлин е од огромно значење за македонскиот стартап екосистем. Да почнеме од почеток.

Како функционира германската економија?
Прво и основно, иако Берлин е де факто главен град на Германија, берлинците не се сметаат за Германци, а Берлин не е Германија како што нагалено ќе речат. Сепак за да се успее во Берлин треба да се следат германските правила. А германските правила значат строги правила на изработка, стабилност, долготрајност, чесност и на крајот квалитет, а од друга страна Берлин, градот на техното, градот што не спие, градот на отпорот и слободното живеење не се вклопуваат во таквата германска матрица на правење на работите. Не за џабе има една кованица „Мејд ин Берлани“ (Made in Berlany), интелигентна игра на зборови што ги означува најдобрите нешта од германската индустрија и економијата во најслободниот и најнапредниот главен град на светот. Сликата што Германија ја презентира пред светот е совршена машина, машина што речиси никогаш не зарибува или се менува. Има интересно видео на Јутјуб насловено како „Germany works“ кое перфектно го сумира сето она што треба да се знае за Германија.
И ова не е далеку од вистината. Германскиот систем се подмачкува одвреме-навреме, но ништо навистина не се менува / не постои деструкциска иновација низ текот на времето. Впрочем Германија е рангирана како 20-та во леснотијата на водење бизнис во светот, но 113-та (да, 113-та) во започнувањето бизнис и 66-та во заштитата на малцинските инвеститори (што би рекле рударите „Среќно инвеститори“).
Од друга страна, основата на германската економија се малите и средните претпријатија и семејните компании (околу 80 % од компаниите се компании од среден ранг), а и во некои од нив има сопственост на локалната самоуправа (преку опцијата за златна акција). Најфрапантен пример за златна акција е Фолксваген во кој регионалната влада поседува златна акција која ѝ дава моќ во носењето стратегиски одлуки. На пример, многу е тешко Фолксваген да пресели дел од својата компанија (таканаречен аутсорс) надвор од Германија, па и да пресели дел од фабриките од еден во друг регион во самата Германија.
Ваквиот тип на поставеност на економијата ги прави компаниите да се тешко приспособливи на иновации. Впрочем златното правило е: колку повеќе бирократија има, толку повеќе време е потребно да се донесе одлука. За некои економски аналитичари Германија само што се приклучи на караванот на дигитализација на својата индустрија, процес кој би требало да заврши во 2025 година.
Згора на сето тоа, Германците не се познати како популација која сака да ризикува. За илустрација, иноваторите, односно луѓето спремни да пробаат нешто ново најчесто се концентрирани околу Берлин, Хамбург и Минхен и тие се некаде околу 1 % од населението, додека во останатиот дел од Германија треба да се подготвите за поконзервативна средина. Ова би значело дека за еден македонски стартап лесно е да се мапираат и да се таргетираат таканаречените рани купувачи (early adopters), но обидот тоа да се реплицира на мнозинството е навистина, навистина тешко. Ако во други земји ви се потребни пари од Venture Capitals или од фондови за ризичен капитал, во Германија ќе ви се потребни повеќе пари, повеќе среќа, повеќе почит, повеќе страст, повеќе напорна работа.
Уште еден фактор кој влијае негативно на иновативноста во Германија се правата на вработените. Имено, заштитата на работната сила во Германија е неверојатна. Во основа, ако се вработите во Германија, останете таму додека не се пензионирате, дури и ако се обидете „да го убиете вашиот шеф“. Но, сѐ повеќе и повеќе германската индустрија се насочува кон краткорочни вработувања на фриленсери, аутсорсинг на одделни процеси, како и отворање иновациски хабови каде што стартапи решаваат одредени проблеми на компанијата. Еден таков успешен пример е корпорацискиот акцелератор на Дојче Бан (Deutche Bahn) наречен mindbox каде што избраните стартапи имаат 100 дена да понудат решение на еден од проблемите што го има некоја од бизнис-единиците на Deutche Bahn.
Стартап екосистемот во Берлин
Стартап екосистемот во Берлин започнува да се развива пред максимум 8 до 10 години. Имав можност да соработувам со едно од првите „коворкинг“ места и стартна точка за голем дел од успешните берлински стартапи – Бетахаус. Во Бетахаус во секој момент има околу 650 фриленсери, стартапи, дигитални номади, но и цели оддели за развој и истражување на компании кои, за да бидат поблиску до талентиран кадар, закупуваат цели катови за да ги сместат своите вработени таму. На пример, Фолксваген има дел од кат каде што дваесетина вработени работат во Берлин, а корпоративното седиште се наоѓа во Западна Германија бидејќи нели Берлин е Берлин.
Интересен факт за Бетахаус е дека ако зборувате со случаен стартап ентузијаст ќе ви каже дека или ја има регистрирано својата прва стартап компанија во Бетахаус или дека ги направил своите први бизнис концепти токму таму.
Од 2009 година, стартап просторот во Берлин е драстично променет. Во моментов има меѓу 1 800 и 3 000 стартапи во секој даден момент, кои работат во повеќе од 300 акцелератори, приватни и корпоративни, и повеќе од 50 места за коворкинг, хабови и инкубатори. Бројот на инвеститори, институционални и приватни, не е помал од 400, а нивната инвестициска активност Консултанската куќа EY ја проценува на 2,1 милијарди евра само за првата половина на 2018 година.
Поради ваквата поставеност на стартап екосистемот, Берлин полека се наметнува како главен град на стартапите каде што во секој момент има 2 до 3 различни стартап настани на кои можете да учествувате и да ја презентирате својата идеја, стартап или пак да се вмрежите со луѓе кои делат исти бизнис-вредности како и вие.
Екосистемот за стартапи во Македонија
Но, до каде е Македонија во стартап светот? Еден податок што покажува дека има некакво раздвижување е што за првпат имавме натпревар во претставување и тоаод таков ранг како „Бетапич“, а победникот од Скопје во Берлин ги освои симпатите на жирито и освои еднао од победничките награди. Од друга страна, иако технолошки различни, можеме да кажеме дека структурата на македонската индустрија е слична на германската по сопственичката структура (мали и средни претпријатија, фамилијарно раководени и конзервативни и странските директни инвестиции кои имаат најчесто склопувачка дејност) и е недоволно иновативна.
Неодамна Фондот за иновации и технолошки развој на Македонија додели грант од 500 000 евра на Акцелераторот УКИМ, каде што се содружници и организаторите на „Бетапич Скопје 2018“, да ги идентификува и да ги доразвие постоечките технолошки решенија од студентите на УКИМ преку финансиска и менторска помош и да им помогне да бидат дел од светската стартап сцена. Седиштетото на Акцелератор УКИМ ќе биде токму во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ.
Овој акцелератор ќе биде мостот на македонските стартапи, покрај со германскиот пазар, така и со израелскиот, малтешкиот, францускиот и американскиот пазар и стартап екосистемот. Во овој акцелератор тимови и стартапи со идеја или со решение на некој светски проект ќе може да аплицираат и да добијат менторска, технолошка, како и финансиска помош од 25 000 до 100 000 евра за да ја лансираат својата идеја на гореспоменатите пазари. Вкупниот фонд на Акцелератор УКИМ е 500 000 евра наменети за инвестирање во наредните 3 години.
Од декември 2018 година официјалното седиште на Шалом македонскиот клуб, каде што членуваат алумни и стипендисти на Министерството за надворешни работи на Израел, како и Машав програмата преку која македонски студенти, професори и професионалци може да одат на студиски престој во еден од израелските универзитети или технолошки центри, ќе биде токму при Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ.
(Економија и бизнис. печатено издание, декември 2018/јануари 2019 година)