Економија
БЕЗ НАСЛОВ, НО СО ПОВОД – 1 000 ДЕНА ДО 100-ТЕ ГОДИНИ ОД ПОСТОЕЊЕТО НА СТОПАНСКАТА КОМОРА НА МАКЕДОНИЈА
Бранко Азески
Авторот е претседател на Стопанската комора на Македонија
Во саботата, на 25 мај, бројчаникот кој го поставивме на новиот веб-портал на Стопанската комора на Македонија да одбројува до одбележувањето на јубилејната стота годишнина од нашето работење и дејствување покажа точно 1 000 дена – не дека се малку, ама чувството кога веќе ја раситнивме илјадарката бара дополнителна сериозност. Си зацртавме сериозни цели кога го поставивме тој бројчаник – кормилото го насочивме кон индустријата и извозот, кон повисоките стапки на раст од просекот во регионот, кон обезбедувањето стимул за оние кои создаваат нова вредност...
Нашата стратегија во изминатиов период беше да тргнеме со системски пристап кон подобрување на состојбите – не нѐ интересираат дневните акутни прашања, нѐ интересира големата слика зад нив и што треба да направиме таа да се подобри за да стигнеме таму каде што сме тргнале. Затоа започнавме со организација на тематски секторски конференции на кои се дискутира за перспективите за развој на секторот, се поставуваат долгорочните проекции и се дискутира за искуствата на државите кои веќе го поминале истиот пат пред нас.

Земјоделско-прехранбениот сектор беше првиот на кој се насочивме, како неспорно еден од клучните сектори, со релативно стабилно учество во БДП во изминатиов период, со околу 10–12 %, а заедно со преработувачката индустрија процентот се зголемува на 16 до 18 %. Можностите за поголем придонес на оваа дејност во националната економија се значително поголеми затоа што расположливите потенцијали во земјоделството не се целосно искористени и покрај традицијата во овој сектор.
На меѓународната конференција која ја организиравме, стотина признати меѓународни и домашни експерти со богато искуство од областа, заедно со претставници од сите релевантни институции, дискутираа за предизвиците како да се стигне до конкурентен земјоделско-прехранбен сектор. Покрај ценетото присуство на домашните експерти, го имавме задоволството на конференцијата да ги слушнеме ставовите на колегите од Хрватската стопанска комора и од Словенечката земјоделска комора, две институции од регионот со кои имаме одлична соработка – говорниците беа едни од главните учесници во претпристапните преговори со ЕУ за нивните земји за поглавјата 11, 12 и 13 (земјоделство и рурален развој; безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика; рибарство) и нивните искуства се од непроценлива важност.
Повеќе други активности во изминатиов период ми беа во знакот на овој сектор – учествував на Земјоделскиот саем во Нови Сад каде што со покраинската Влада на Војводина разговаравме за јакнење на меѓусебната соработка на економски план и за интензивирање на регионалното поврзување, активности кои тековно се реализираат и во рамките на Коморскиот инвестициски форум (КИФ). На саемот со свои штандови како изложувачи учествуваа и две македонски компании – „Випро“ од Гевгелија и „Ларс“ од Штип, едни од лидерите во конзервната индустрија во земјава со кои дискутиравме и за предизвиците за креирање регионални синџири на снабдување во рамките на проектот за унапредување на извозните можности за компаниите од земјоделско-прехранбениот сектор, кој во КИФ го спроведуваме со поддршка на Германското здружение за меѓународна соработка (ГИЗ).
А секако, и домашните винарници овој период имаа блескави настани за одбележување – во Белград бев дел од свечената прослава на Винарската визба „Стоби“ која традиционално и оваа година организираше Денови на македонска кујна во Република Србија како дел од традицијата да се претстави македонската култура, но и врвните македонски вина пред српската јавност. Истовремено македонските винарници „Тиквеш“ и „Стоби“ повторно нанижаа успеси на странските пазари – дури 17 вина на „Тиквеш“ се наградени на годинешниот меѓународен вински натпревар – „International Wine Chalenge (IWC)”, кој по 36-ти пат се одржа во Лондон, В. Британија, а висококвалитетните вина од класик и премиум линиите на винарницата „Стоби“ се најчестиот избор на потрошувачите во Русија, во Кина и во Америка, што резултираше со раст од 30 % на продажбата во првите три месеци од годинава. Конечно бев дел и од отворањето на новата „бутик“ винарска визба на словенечката винарија „Пуклавец“ во Неготино, инвестиција со која „Пуклавец“ го проширува својот асортиман со производството на црвени вина од македонско грозје.
Притоа заклучоците од конференцијата за земјоделско-прехранбениот сектор ќе бидат проследени до надлежните органи, но и ќе бидат основа за дејствувањето на здружението во идниов период. Оваа ќе биде само првата од тематските конференции кои се планирани за годинава.
А во меѓувреме, како дел од активностите за поддршка на извозот, во текот на месец мај организиравме три бизнис-форуми во Виена, во Подгорица и во Љубљана, а веќе за средината на месец јуни го најавуваме и одржувањето на голем македонско-јапонски бизнис-форум.
П. С. По завршувањето на најавената реконструкција на Владата, во текот на месецов останува да ја организираме најавената „журка“ за поттик за администрацијата – петгодишнината од поведувањето на постапката за донесување на Законот за холдинг и на Законот за извршување е настан вреден за одбележување на кој ќе бидат поканети сите чинители кои пет години упорно го минираат донесувањето на овие значајни правни акти!
(Економија и бизнис, печатено издание, јуни 2019)