Интервјуа

НОВАТА МЕТОДОЛОГИЈА ЌЕ ВЛИЈАЕ ЕНЕРГЕТСКИТЕ КОМПАНИИ ДА БИДАТ ПОЕФИКАСНИ

Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика

Економија и бизнис - АРХИВА

Нема повеќе да ги нормираме трошоците, туку посебно ќе го анализираме секој трошок имајќи предвид дека имаме 15-годишно искуство во однос на определувањето на цените на електричната енергија. Со овој нов пристап, уште повеќе ќе извршиме притисок врз регулираните компании да ја зголемат својата ефикасност.

Господине Бислимоски, со новиот Закон за енергетика од мај 2018 година се либерализира пазарот на електрична енергија. Најголем страв кај граѓаните е дека либерализацијата ќе резултира со повисоки сметки. Дали ваквите стравувања се оправдани и каква е улогата на РКЕ?

Со донесувањето на новиот Закон за енергетика, oд 1 јануари 2019 година, сите потрошувачи, без исклучок, се стекнаа со правото да го изберат својот снабдувач што, за жал, е со задоцнување од 4 години. Во новиот Закон за енергетика е целосно имплементиран Третиот енергетски пакет во согласност со европските регулативи поради што и Енергетската заедница ги прекина постапките кои беа покренати против нашава држава. Во однос на цената нема потреба од никакви стравувања, малите потрошувачи и домаќинствата можат своите потреби да ги обезбедат на слободниот пазар по пазарни цени или пак на регулираниот пазар по цени определени од Регулаторната комисија за енергетика.

Каква е улогата на универзалниот снабдувач и што по преодниот период во кој ЕЛЕМ е должен да му нуди одредени количества електрична енергија по најповолни услови?

Универзалниот снабдувач е должен да врши снабдување на домаќинствата и на малите потрошувачи кои избрале да бидат снабдувани од него. Со цел да се обезбеди ценовна стабилност, на најголемиот домашен производител АД ЕСМ му е наметната обврска да му понуди електрична енергија на универзалниот снабдувач, и тоа: во 2019 година најмалку 80 % од вкупните годишни потреби на универзалниот снабдувач, во 2020 година најмалку 75 %, во 2021 година најмалку 70 %, во 2022 година најмалку 60 % и сѐ до 2025 година кога треба да обезбеди најмалку 30 % од вкупните годишни потреби на снабдувачот. Доколку АД ЕСМ не ги обезбеди доволните потреби, тогаш универзалниот снабдувач дополнителните количини ќе ги обезбеди на слободниот пазар според правилата за набавка кои ги донесе РКЕ. Дури и по овој период од 7 години, АД ЕСМ ќе продолжи да обезбедува најголем дел од потребите на универзалниот снабдувач бидејќи тоа го налага пазарната логика.

И покрај либерализацијата, конкуренцијата на пазарот изостана – ниедна од деветте компании со лиценца не им понудија на граѓаните пакети за снабдување со струја. Зошто и кога може да се очекува да се промени ваквата ситуација? Дали граѓаните ќе бидат обврзани да останат кај некој снабдувач доколку се променат условите на пазарот?

Во овој момент вкупната цена на регулираниот пазар за домаќинствата изнесува приближно 4,5 ден./kWh. Цената на слободниот пазар во нашава држава, која е целосно диктирана од регионалниот пазар, изнесува околу 4,2 ден./kWh, кога на тоа би се додале трошоците за мрежарина која изнесува околу 2,2 ден./kWh, вкупната цена за домаќинствата кои би се одлучиле да купат електрична енергија на слободниот пазар би изнесувала 6,4 ден./kWh, што е за околу 40 % повисока цена. Поради овие причини нема интерес кај снабдувачите да понудат електрична енергија кај домаќинствата бидејќи нема логика да се понуди нешто што е поскапо. Од друга страна, либерализацијата овозможи потрошувачите кои ја плаќаа т.н. индустриска струја (мали комерцијални објекти) на регулираниот пазар, а по 1 јануари одлучија своите потреби да ги обезбедуваат на слободниот пазар, своите трошоци за електрична енергија да ги намалат за 20 % до 30 %. Уште еднаш сакам да потенцирам дека малите потрошувачи и домаќинства секогаш, во рок од 21 ден, ќе можат да го променат својот снабдувач на слободниот пазар, но и доколку не се задоволни со цените на слободниот пазар во секој момент ќе можат да бидат снабдувани од универзалниот снабдувач по цени определени од РКЕ.

Енергетските компании најавуваат засилени инвестициски активности. Дали тоа ќе влијае врз цената на електричната енергија со оглед што тие вложувања, кои се неопходни, претставуваат и трошок за компаниите за производство, за пренос и за дистрибуција на електричната енергија? Дали РКЕ подготвува измени во делот на трошоците на компаниите?

РКЕ во целост ги поддржувала, а и во иднина ќе ги поддржува сите оправдани инвестиции во електроенергетскиот сектор кои ќе доведат до зголемување на ефикасноста, како и подобрување на квалитетот и на сигурноста во снабдувањето. Се разбира дека сите инвестиции имаат влијание врз цената, но во согласност со нашата методологија не очекуваме тоа да биде некое посериозно влијание. Со новата методологија која ќе ја донесеме до средината на мај нема повеќе да ги нормираме трошоците, туку посебно ќе го анализираме секој трошок имајќи предвид дека имаме 15-годишно искуство во однос на определувањето на цените. Со овој нов пристап, уште повеќе ќе извршиме притисок врз регулираните компании да ја зголемат својата ефикасност.

Колку граѓаните или фирмите кои инвестирале во алтернативни извори на енергија – фотоволтаици, ветерни централи, ќе може да се јават на пазарот како понудувачи на вишокот на електрична енергија и под кои услови?

Во однос на обновливите извори за енергија и политиките за нивна стимулација, РКЕ нема поголема надлежност, туку надлежноста е кај Владата бидејќи целосната подзаконска регулатива од оваа област ја носи Владата. Во рамките на РКЕ се водат постапките за стекнување статус на повластен производител, како и за правото на користење премија. Подзаконската регулатива која се носи од областа на обновливите извори ќе овозможи и кај домаќинствата и кај фирмите да се постават фотоволтаици и да продаваат електрична енергија на своите снабдувачи.

(Економија и бизнис, печатено издание, мај 2019 година)

ПРЕПОРАЧАНО