Економија

ТАВ Е ПОДГОТВЕН ЗА НОВИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ЗЕМЈАВА

На средбата со македонските новинари во Бодрум, првиот човек на компанијата, Сани Шенер зборуваше за достигнувањата во изминатите десет години и за плановите во наредниот период

 

Холдингот ТАВ Аеродроми, кој управува со аеродромите во Скопје и во Охрид, ќе продолжи да ги развива условите за работа на двете авиопристаништа и во наредните десетина години колку што трае концесискиот договор со македонската Влада, но заинтересиран е и за продолжување на договорот и за нови инвестиции. Во изминатите десет години, колку што се присутни во земјава, бројот на патници на двата аеродроми е зголемен четирикратно, а бројот на дестинации речиси три пати. Така, на крајот на оваа година се очекува аеродромите во Скопје и во Охрид да опслужат 2,7 милиони патници, наспроти 640 илјади во 2009. Истовремено, наспроти 15 дестинации, до колку што се летало пред десет години од Скопје, сега нивниот број изнесува 44. Од Охрид сега се лета до 22 дестинации од кои десет се преку целата година.

- Од 2010 година до сега инвестиравме 120 милиони евра во аеродромската инфраструктура и во развојот на аеродромите, а плативме и 47,4 милиони евра за концесии и даноци, истакна Сани Шенер, Главен и извршен директор и Претседател на холдингот ТАВ Аеродроми, на средбата со група новинари од македонските медиуми на средбата во турскиот туристички центар Бодрум. 

Покрај Шенер, на средбата со новинарите презентации имаа и Алпер Ерсај, генерален директор на ТАВ Македонија и Серкан Каптан, заменик главен извршен директор а ТАВ Аеродроми. 

Компанијата очекува од Владата насоки за кои проекти да се инвестираат средствата кои беа наменети за изградба на карго аеродром во Штип, проект кој по мерењата на ветриштата и на на другите климатски услови, дефинитивно е напуштен.

- Откако ќе добиеме список на проекти, ние секако дека ќе ги инвестираме средствата кои беа наменети за изградба на карго-аеродром во Штип, рече Шенер. 

Како што е познато, договорот за концесија предвидуваше за таа намена да бидат вложени 45 милини евра. Како што објасни првиот човек на холдингот, десетина милиони евра ќе бидат наменети за инвестиции во постојните аердроми. Охридскиот аеродром е веќе целосно искористен од аспект на бројот на патници што може да ги опслужува, па е потребно негово проширување. Предвидено е зголемување на бројот на места за чек-ин на скопскиот аеродром, како и воведување пултови за бизнис и чекирање за прва класа. Другите 35 милиони евра ќе бидат инвестирани во проекти откако ќе ги добијат неопходните насоки од владата. 

Шенер истакна дека деновиве престојувал во Скопје, каде што остварил средба со премиерот Зоран Заев, при што станало збор за за искористување на овие средства како и за идните планови на компанијата. Според постојните законски решенија, вкупниот период на кој што може да управуваат со аеродромите е 35 години, и од ТАВ Велат дека се подготвени тоа и да го направат при што најавуваат нови инвестиции, како изградба на нов терминал во Скопје или проширување на постојниот. Во однос на судбината на старата аеродромска зграда, велат дека таа и земјиштето се во сопственост на владата и дека за било какви планови во врска со неа, како рушење и изградба на нов објект, потребни се измени во постојните законски решенија. 

Од компанијата се пофалија дека аеродромот во Скопје во изминатата деценија колку со него управуваат од страна на ТАВ, ги надминал авиопристаништата во Приштина и во Тирана, според бројот на превезени патници, иако во 2009 година многу заостанувал зад нив. Овој аеродром се повеќе привлекува патници и од соседните земји, кои го користат како појдовна или крајна точка за нивните дестинации. 

Шенер истакна дека развојот на авиосообраќајот и во тие рамки на авиопристаништата се од извонредно значење за развој на националните економии, бидејќи влијаат врз привлекување на странските директни инвестиции и овозможуваат мобилност на населението. Тие се и првата и последната точка со која се соочуваат оние кои доаѓаат во земјата или си заминуваат, па впечатокот кој ќе ги стекнат на аеродромите, многу влијае и врз вкупниот впечаток за земјата, додаде Шенер. 

- Ние го отвориме и патот за многу други инвеститори од Турција, но и од други земји, беше истакнато на средбата со новинарите. Развојот на авиосообраќајот влијаеше позитивно и на отворањето нови работни места. Така, според проценките, еден милион дополнителни патници креира 3.000 работни места, по една илјада на аеродромот, во градот, и кај придружните дејности. 

Покрај двата аеродроми во Северна Македонија, ТАВ управува со уште пет аеродроми во Турција, еден во Саудиска Арабија, по два во Тунис и во Грузија, како и со аеродромот во Загреб заедно со партнерска компанија. 

Во првите 8 месеци од годинава на аеродромите во нашата земја беа превезени вкупно 1,8 милиони патници што е за 12,8 отсто зголемување на годишно ниво, а во истиот период беа реализирани 14.744 летови, што е 9,9 отсто повеќе на годишно ниво. На двата аеродроми се вработени 1.100 луѓе, од кои 70 отсто работат во ТАВ Македонија, а другите во сестринските компании. 

ПРЕПОРАЧАНО