Економија
РАБОТАТА ОД ДОМА ЈА ЗГОЛЕМИ ПОБАРУВАЧКАТА ЗА ЛАПТОПИ, ПЕРИФЕРНИ УРЕДИ И ЧИПОВИ
блиц свет
Заканата од епидемијата ковид-19 принуди голем број луѓе да ги сменат работните навики и своите работни и образовни обврски, како и социјални активности да ги организираат од дома, почитувајќи ги препораките на владите низ светот за социјална изолација во обид да се намали ширењето на корона вирусот. Овие навики доведоа до нагло зголемување на побарувачката, пред сè за лаптопи, но и останати периферни уреди како мрежни картички, ви-фи рутери итн. Оваа примарна побарувачка, пак, натаму во системот на набавки нагло ја зголеми побарувачката за чипови, за што најголемиот производител на оваа опрема во светот, Самсунг (Samsung Electronics Co Ltd), објави 20 % зголемување на продажбата. „Ова е очекувано имајќи предвид дека сè поголем број луѓе ја организираат својата работа, своето образование и други активности од дома поради што во пораст е побарувачката за опрема, работата на интернет-провајдерите, работата на комуникациските компании итн.“, изјави аналитичарот на Кејп инвестмент секјуритис (Cape Investment & Securities) Парк Сунг.