Економија
Николоски: Инфлацијата низ призмата на пазарот на трудот
Димитар Николоски | aвторот е професор на Економски факултет-Прилеп
Економија и бизнис | печатено издание | ноември 2022г.
Инфлацијата во македонската економија сè повеќе претставува закана како за нормалното функционирање на стопанството така и за благосостојбата на домаќинствата. Инфлаторните движења од почетокот на 2022 година укажуваат на забрзан пораст што наметнува потреба од соодветна анализа на причините и на последиците од инфлацијата, како и можните мерки за нејзино зауздување. Постојат голем број фактори што влијаат врз инфлацијата како што се: понудата на пари, несоодветна фискална политика, очекувањата на економските агенти, шокови на страната на понудата итн. Во овој контекст, акцентот ќе биде ставен врз анализа на инфлацијата низ призмата на пазарот на трудот.
Теоријата јасно ги разграничува инфлаторните тенденции предизвикани од зголемената агрегатна побарувачка (demand pull) или пак порастот на цените на инпутите во производството (cost push). Во конкретниов случај, зголемената инфлација на светско ниво произлегува од коинцидирање на два моменти: излезот од пандемиската криза што беше придружен со значителен фискален стимул и енергетска криза предизвикана од конфликтот во Украина. Имено, речиси сите економии во светот презедоа мерки за помош на бизнисите и на домаќинствата кои најмногу беа погодени од пандемијата со ковид-19. Така, на пример, кај нас последователно беа спроведени шест пакети мерки кои подразбираа голема владина потрошувачка за генерирање финансиска помош. Освен тоа, почетокот на конфликтот во Украина создаде голема неизвесност на енергетскиот пазар и пораст на цените на енергентите како што се: природниот гас, нафтата и електричната енергија. На ова место се поставува прашањето дали со ова целосно е исцрпена анализата за причините за порастот на инфлацијата во 2022 година.
Во услови на зголемена инфлација, работниците го зголемуваат притисокот врз платите со што се создава предуслов за влегување во т.н. инфлаторна спирала „плати-цени“. Имено, зголемената инфлација предизвикува пад на реалните приходи поради тоа што номиналните плати не успеваат да го задржат чекорот со порастот на инфлацијата. За да ја заштитат својата благосостојба, работниците се обидуваат да преговараат за повисоки плати, најчесто поддржани од моќта за колективно договарање или синдикално организирање. Единечниот трошок за трудот расте доколку порастот на платите е поголем од порастот на продуктивноста. Евентуално бизнисите ги калкулираат зголемените трошоци во цените на своите производи и на тој начин ги пренесуваат на крајните потрошувачи со цел да го заштитат својот профит. Тоа доведува до понатамошен пораст на цените на производите и создава услови за забрзување на инфлацијата.
Инфлаторната спирала „плати-цени“ подразбира постоење двонасочна повратна врска меѓу платите и цените. Во извесна мера, веројатноста една економија да влезе во ваква спирала зависи од макроекономските услови. Имено, преговарачката моќ на работниците е поголема кога побарувачката за труд е голема, а понудата е ограничена. Слично компаниите можат да имаат поголема моќ во определување на цените доколку агрегатната побарувачка е голема. Освен тоа, врз инфлаторната спирала „плати-цени“ можат да влијаат и политиките како што се клаузулите за автоматско индексирање на платите или прилагодување според трошоците за живот (cost-of-living adjustment). Тука треба да се додадат и останатите институции на пазарот на трудот како што се зголемување на минималната плата и колективните договори кои предизвикуваат пораст на номиналните плати. Од друга страна, на пазарите на производи голема улога игра степенот на конкуренција. Така, компаниите со поголема пазарна моќ можат полесно да ги зголемат цените на своите производи во услови на растечки плати за разлика од оние кои немаат таква моќ. Освен тоа, релевантна е и стратегиската поставеност на пазарот при што компаниите полесно ги зголемуваат цените на своите производи кога веруваат дека и останатите конкуренти ќе постапат на сличен начин.
Но, дали порастот на платите неминовно би водел кон пораст и на цените на крајните производи? Во овој контекст, продуктивноста на трудот е мошне значајна за зауздување на инфлацискиот притисок што може да произлезе од порастот на номиналните плати. И покрај тоа што причините за инфлација се мошне комплексни, емпириските согледувања укажуваат на постоење силна врска меѓу стапката на раст на продуктивноста на трудот и стапката на инфлација. Имено, растот на продуктивноста може да го компензира растот на номиналните плати и на тој начин да помогне во ограничување на растот на трошоците по единица труд што би се трансферирале во повисоки цени на крајните производи и услуги.
Доколку процентуалниот пораст на номиналните плати е еднаков со процентуалниот пораст на продуктивноста на трудот, тоа го задржува трошокот по единица труд непроменет. Така, на пример, да претпоставиме дека номиналната плата првобитно изнесува 10 долари на час, а работникот произведува 10 парчиња на час. Во тој случај, единечниот трошок за труд по единица аутпут ќе изнесува 1 долар. Доколку номиналната плата се зголеми за 10 %, т. е. изнесува 11 долари, но ако истовремено продуктивноста на работникот се зголеми од 10 на 11 парчиња на час, тогаш единечниот трошок за труд по единица аутпут ќе остане непроменет, т. е. 1 долар. Доколку пак порастот на номиналните плати го надминува порастот на продуктивноста на трудот, единечниот трошок за труд ќе се зголеми. Во спротивен случај, доколку порастот на продуктивноста на трудот го надмине порастот на номиналните плати, единечниот трошок за труд ќе се намали.
Порастот на инфлацијата од почетокот на 2022 година во РС Македонија во голема мера е придружен со пораст на номиналните плати, што може да се види од графиконот подолу. Така, заклучно со септември оваа година, индексот на трошоци за живот пораснал за речиси 20 проценти во однос на просекот од минатата година. Од друга страна, пак, номиналните плати за истиот период пораснале за нешто повеќе од 10 проценти. Тоа укажува на пад во реалните плати, а со тоа и на куповната моќ на населението. Во услови кога не постојат претпоставки за зголемен пораст на продуктивноста на трудот, очекувано е ваквиот пораст на номиналните плати дополнително да ја подгрее инфлацијата.
Во однос на растечката инфлација неопходно е да се преземат соодветни мерки со кои би се зачувал животниот стандард на населението и би се создал поволен амбиент за функционирање на стопанството. Најдобар начин за борба со инфлацијата е преку симултано дејствување со инструментите на монетарната и фискалната политика. Во тој контекст, Народната банка на РС Македонија од почетокот на 2022 година двојно ги зголеми каматните стапки, а Владата на РС Македонија воведе антикризни мерки за замрзнување на цените и на маржите на некои производи. Освен тоа, многу важно во овој период е правилното антиципирање на инфлацијата со што би се избегнале натамошни неочекувани ценовни шокови, а инфлаторните очекувања би се земале предвид во идното движење на платите и на цените. На тој начин постепено би се вратил порастот на реалните плати и би се обновила куповната моќ на населението.
Искуствата од другите земји во Европската Унија и во светот покажуваат дека конкурентните економии полесно се справуваат со инфлаторните шокови и на тој начин немаат дополнителни притисоци врз платите. Со други зборови, зголемената продуктивност на работниците значително го амортизира номиналниот пораст на нивните плати со што помала е опасноста од влегување во инфлаторната спирала „плати-цени“. Затоа една од препораките на долг рок е континуирано подобрување на вештините на македонската работна сила заради нејзина поголема продуктивност и конкурентност на светските пазари. Тоа подразбира модернизирање и иновирање на курикулумите во сите степени на образование, како и усвојување стратешки пристап за трансфер на современи технологии при вклучување на македонските компании во глобалните синџири на снабдување.