Економија
Ставови на ММФ за состојбата во македонската економија
27.06.2023г.
Тимот на ММФ ја заврши посетата на Северна Македонија
• Јавните финансии се на добар пат, но сепак доцнењета во усвојувањето на даночната реформа и данокот на солидарност би можеле да ги загрозат приоритетните трошоци. Даночните приходи треба да се зајакнат со итно усвојување на даночната реформа и данокот на солидарност.Понатаму,потребно е воздржаност во поглед на платите на јавниот сектор за да се избегне големо оптоварување на јавните финансии и да се избегне подгревање на веќе високата инфлација.
• И покрај тоа што реформата со блок-тарифите за електрична енергија во 2022 година беше значаен чекор во вистинска насока, цените на електричната енергија за повеќето домаќинства остануваат силно субвенционирани. Како резултат на тоа, јавните финансии остануваат ранливи на порастот на цената на енергијата.
• Нормализацијата на монетарната политика придонесува во постепеното намалување на инфлацијата и обезбедување соодветно ниво на девизни резерви. Банкарскиот систем е ликвиден, профитабилен и адекватно капитализиран. Тековните позитивни услови во банкарскиот систем треба да се искористат за да се продолжи со зголемување на капиталните бафери.
Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Жак Миниан, ја посети Северна Македонија во период од 5 до 9 јуни со цел да разговара за неодамнешните економски случувања и политики во контекст на инструментот за претпазливост и ликвидност (PLL) на ММФ со Северна Македонија. На крајот од посетата, г-дин Миниан ја даде следнава изјава:
„Во тек е економско закрепнување, при што реалниот раст на БДП за оваа година е проектиран на 2,1 проценти, проследен со 3,4 проценти во 2024 година. Во последниве месеци, инфлацијата почна да се намалува, потпомогната од пониските цени на енергијата и храната, како и од тековното затегнување на монетарната политика. Потрошувачките цени се очекува да се зголемат, во просек, за 9,2 проценти оваа година и за 3,5 проценти во 2024 година, и потоа да се вратат на 2 проценти до 2026 година.
„Јавните финансии се на пат да го исполнат таргетираниот дефицит утврден во буџетот за 2023 година донесен од Собранието. Сепак, доцнењето во усвојувањето на даночната реформа и на данокот на солидарност ги компромитираат даночните приходи и би можеле да ги загрозат приоритетните трошења. Во овој контекст, даночната реформа, во чиј дизајн имаше придонес и ММФ, треба да се усвои без одлагање со оглед на долгиот период овозможен за консултации со јавноста, а истото треба да се направи и со данокот на солидарност. Одделно гледано, неопходно е да се одржат и забрзаат активностите за подобрување на наплатата на даноците.
„Со оглед на тоа што растот на потрошувачките цени во последниве години ја намали куповната моќ на домаќинствата, разбирливо е дека работниците во јавниот сектор бараат повисоки плати. Веќе постои простор во буџетот на централната влада да се акомодира зголемување на сметката за плати од близу 10 проценти, слично на проектираната стапка на инфлација за 2023 година, вклучително и усогласувањето со минималната плата оваа година. Сè што е над оваа бројка би довело до големо и трајно оптоварување на буџетот и исто така би ризикувало да ги истисне другите суштински трошења. Големите зголемувања на платите, исто така, би довеле до ризик привремено високата инфлација да се претвори во постојано висока инфлација.
„Во инднина, и во согласност со обврските од инструментот за претпазливост и ликвидност (PLL), фискалната консолидација треба да продолжи да ја поткрепува фискалната одржливост и да обезбеди соодветни фискални бафери за следната криза.
„Иако реформата со блок-тарифите за електрична енергија во 2022 година беше значаен чекор во вистинска насока, цените на електричната енергија за повеќето домаќинства остануваат силно субвенционирани и меѓу најниските во Европа. Како резултат на тоа, јавните финансии остануваат ранливи на порастот на цената на енергијата. Иако зголемувањето на тарифите за енергија никогаш не е лесно, ќе биде важно да се продолжи со реформите на тарифите за електрична енергија со кои постепено се укинуваат субвенциите и се зајакнува енергетската ефикасност. Сегашниот контекст на пониски цени на енергија на меѓународно ниво дава можност за продолжување на ваквите реформи. Поддршката за сметките за електрична енергија треба да биде насочена кон посиромашните домаќинства, наместо корист од тоа да имаат повеќето домаќинства на нетаргетиран начин, како што е случај сега.
„Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) продолжи со неопходната нормализација на монетарната политика преку повисоки каматни стапки и други мерки, со цел да се обезбеди дека високата инфлација нема да се вкорени. Овие промени во политиката помогнаа да се стабилизираат инфлаторните очекувања и придонесуваат за постепеното намалување на инфлацијата. Поважно, тие исто така овозможуваат девизните резерви да останат на адекватно ниво, што е клучно за Северна Македонија.
„Банкарскиот систем е ликвиден, профитабилен и адекватно капитализиран и очекуваме дека тој ќе може да ги апсорбира ефектите од заострените финансиски услови и другите шокови. Сепак, позитивните услови денес треба да се искористат за да се продолжи со зголемување на капиталните бафери. За крај, го поддржуваме неодамнешното воведување на макропрудентни мерки засновани на корисниците на заеми. Тие се важен алатник за Народната банка и ќе помогнат во ограничувањето на ризиците во секторот на недвижности.
„Структурните и институционалните реформи, суштински за перспективите за пристап на Северна Македонија во ЕУ, треба да се забрзаат, за да се зајакнат изгледите за раст на земјата и доходовната конвергенција со ЕУ на среден рок.
„Што се однесува до проектот за изградба на патниот Коридор 8/10д, тимот на ММФ сè уште ги оценува импликациите врз јавните финансии.
„Им благодариме на нашите соработници за одличните дискусии и за нивното гостопримство за време на посетата на тимот.