Економија
Секој четврти работник во Хрватска ќе биде странец
19.02.2024г.
Во Хрватска до 2030 година ќе има меѓу 400 и 500 илјади странски работници, а секој четврти вработен во земјата ќе биде странец, се наведува во анализата на Хрватското здружение за работодавачи, пренесува Пословни.хр.
-Поради забрзаното влошување на демографските трендови, силниот економски раст и континуираниот притисок на пазарот на трудот се проценува дека вкупниот број на странски работници до 2030 година да изнесува половина милион, под претпоставка на раст на БДП од околу 2,5 отсто во наредните седум години, вели Хрвоје Стојиќ, главниот економист во ХРЗ.
Работодавачите во Хрватска сметаат дека целната група на привлекување на работници од странство треба да биде кон висококвалификуваните работници од дејностите во кои се постигнува побрз реален раст на продуктивноста во споредба со просекот на ЕУ. Тоа се секторите кои треба да бидат носители на развојот на Хрватска, како ИТ индустријата, туризмот, градежништвото, земјоделството и некои сектори на преработувачката индустрија.
За подобрување на приливот на работници од надвор, се предлага измена на Законот за странци, со олеснувањето на издавањето на сина карта за информатичарите и без завршено високо образование, како и поедноставување на процедурата за спојување на семејствата, што ќе привлече помлади и талентирани работници од третите пазари.
фото: freepic