Економија
Енергетската транзиција заглавена меѓу државните и приватните интереси!
Митко Јовановски | Авторот е новинар во Економија и бизнис
Економија и бизнис | печатено издание | 01 март 2024г.
Кој модел треба да го изберемe во процесот на енергетска транзиција во Македонија? Дали капиталните енергетски проекти треба да ги гради државава и со заедничко учество од домашните компании или тоа да им биде препуштено на странските инвеститори? Ова е дебатата која се води во изминативе месеци меѓу експертската и политичката јавност која се подели во два табора. Пропаѓањето на четиринаесеттиот тендер за избор на стратешки инвеститор за изградба на ХЕЦ „Чебрен“ и објавувањето на проектот за гасна когенеративна централа во Скопје беа иницијалната искра за разгорување на страстите кај експертите од енергетската област, кои изнесуваа сопствени согледувања за начинот на кој ќе треба да ја прилагодиме националната енергетска стратегија во следниве децении.
„Чебрен“ како државен приоритет
Зголемувањето на инвестициите во енергетскиот сектор, заради добивање на пониска цена за енергијата која е потребна за домашните економии, станува највисок приоритет за секоја држава, посебно по последната енергетска криза. На неодамнешните енергетски балкански форуми во Белград и во Скопје беше заклучено дека земјите од регионот заостануваат зад процесите на реформирање и на трансформирање на енергетските системи согласно новите глобални трендови. Актуелната влада излезе со неколку проекти со кои се настојува да се привлече странскиот капитал во забрзување на енергетската транзиција на земјава. Здруженијата на македонските енергетичари излегоа со цврсти ставови дека „Чебрен“ мора да го гради државава со сопствени средства заради заштита на националната енергетска сувереност. Ставот на Атанаско Тунески, професор на Машинскиот факултет во Скопје, е дека новиот хидроенергетски капацитет на Црна Река ќе дава електрична енергија што ќе има ниска производна цена, а многу висока пазарна цена. На овој начин, македонската држава ќе остварува значаен годишен профит од над 30 милиони евра. Исто така ќе се обезбеди поевтина енергија за граѓаните. Некои од експертите се залагаат предложениот проект за когенеративна гасна централа во Скопје да го гради државава. Професорот Ристо Цицонков предлага да се формира акционерско друштво во сопственост на државава кое ќе стопанисува со гасната централа. Средства за изградба, според него, може да се најдат од неколку извори, однатре и надвор од државава!
Постигнувањето на енергетската транзиција, на независност и на стабилност во снабдувањето со енергија на домашните потрошувачи се главните економски приоритети на секоја држава. Во изминативе децении развиените земји го либерализираа, го дерегулираа пазарот и го приватизираа овој сектор за да ги намалат трошоците за енергија на компаниите и на граѓаните. За земјите во транзиција и за помалку развиените земји, реформирањето на енергетските системи имаше поинакви мотиви кои произлегуваа од неповолните макроекономски позиции како што се високите буџетски дефицити и висината на надворешните долгови кои не дозволуваа да продолжат со непрекинатото субвенционирање на неефикасните енергетски системи. Во такви услови, државите веќе не можеа да ги покриваат загубите на државните енергетски компании и да исплаќаат високи субвенции. Посткомунистичките земји во Централна и во Југоисточна Европа пристапија кон привлекување на приватен капитал во енергетскиот сектор преку приватизација на дел од енергетските преносни и дистрибутивни системи. Критичарите на привлекувањето на приватен капитал во енергетиката сметаат дека придобивките се само за енергетските компании. Истражувањата направени во 37 транзициски економии покажале дека конкуренцијата, а не приватниот капитал се клучен елемент за подобрување на ефикасноста во енергетските системи кои продолжуваат да дејствуваат во монополистички, односно олигополистички пазарни односи. Искуствата на повеќето земји покажале дека привлекувањето на приватен капитал, без притоа да бидат донесени и нови прописи кои ќе воспостават независни регулативни тела и кои ќе го олеснат и пристапот на нови субјекти на пазарот на енергија, придонеле државните монополи да бидат заменети со приватни.
Приватниот капитал влегува и во производните капацитети
Приватизации на дел од енергетските системи во земјите од Југоисточна Европа се одвиваа со различна динамика поради специфичностите на секоја од нив. Како што посочуваат од Регулатиорната комисија за енергетика, во најголемиот дел на европските земји во енергетскиот сектор, пред сè во западниот дел, преовладува приватниот капитал со исклучок, на пример во Франција, каде што најголемата енергетска компанија „Електрисити Франс“ е државна компанија. Во нашиот регион, од поранешна Југославија, беше спроведена приватизација на дистрибутивните мрежи. Тоа се случи во: Романија, Бугарија, Косово, Македонија... Производните капацитети за електрична енергија се државни, како наследство од поранешните комунистички системи во овие земји. Во преминот на пазарна економија, дистрибутивните системи се приватизираа. Преносните мрежи во најголем дел се со мнозинско учество на државата, но во некои земји има и други акционери. Во Црна Гора мнозинскиот пакет за преносната мрежа е во рацете на државниот опeрaтор, но со одреден број на акции влегоа и италијанскиот и српскиот преносен оператор.
Во земјите од ЕУ во најголем дел се државни, но има и сè повеќе случаи кога влегуваат и инвестициски фондови. Всушност, се прават докапитализации, односно не ги приватизираат. Во Македонија преносниот систем е во стопроцентна приватна сопственост. Во другите земји тој процент е помал. Во Грција е нешто над 50 отсто. Но, ако ги споредиме државните и приватните инвестиции во новоизградените енергетски капацитети од независноста на државава, мерено како моќност во мегавати, посебно во делот на обновливите извори на енергија, тогаш предноста е на страната на приватниот капитал. Во последниве години имаме градежен бум за поставување на фотоволтаици на приватните компании. Тие беа најпогодени во енергетската криза и брзо се прилагодија кон добивање на сопствена енергија по пониска производна цена, поточно над 80 отсто во новоизградените капацитети во обновливи извори на енергија се со приватен капитал, вели Марко Бислимовски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни ресурси.
Во делот на производство на хидроенергијата, учеството на приватниот сектор е стопроцентно кај малите хидроелектрани. Големите електрани сите се во сопственост на ЕСМ. За тоа дали да се продолжи со концептот на привлекување на нови приватни инвеститори во енергетскиот сектор, како за „Чебрен“, Бислимовски го наведува примерот со Босна и Херцеговина каде што една термоелектрана е направена со приватна инвестиција.
Добро би било и државава и ЕСМ да инвестираат за да се најде замена за термоелектраната во Битола, која треба да се пренамени на користење на природен гас и на водород по исцрпување на јагленот. Треба да има и државни и приватни инвестиции. Сигурен сум дека приватните инвестиции ќе се реализираат побрзо. На тој начин ќе се избегнат долгите процедури за јавните набавки и сл., објаснува Бислимовски.
Глобални трендови во енергетиката
Во светот, вложувањата во чистата енергија растат со брзо темпо. Во наредниве шест години се потребни годишни вложувања од 1 600 милијарди долари за да се постигнат ограничувањата за глобалниот раст на температурата, се наведува во извештајот на Меѓународната агенција за енергија. Инвестициите во технологијата за производство на чиста енергија во светот значително ги надминува вложувањата во фосилните горива како резултат на стравот предизвикан од спората и неизвесна испорака на енергенти, која беше поттикната од глобалната енергетска криза.
Во светот, во 2023 година, во енергетиката биле инвестирани 2,8 илјади милијарди долари, од нив 1,7 илјади се во чиста технологија во која влегуваат: обновливите извори, електричните возила, нуклеарната енергија, капацитети за скадиштење, унапредување на ефикасноста и топлотните пумпи. Во минатогодишните извештаи на МАЕ се наведува дека растот на инвестициите во чиста енергија, во периодот 2021 − 2023 година, ќе изнесува 24 отсто на годишно ниво, додека вложувањата во фисилни горива треба да достигнат раст од 15 отсто. Глобалните трендови на инвестирање укажуваат дека во областа на обновливите извори на енергија доминираат странските директни инвестиции. Од 2013 до 2020 година, околу 75 отсто од глобалните инвестиции доаѓаа од приватниот сектор.