Економија
Загубени илузии – македонската економија во 2024 година
Горан Петревски | Авторот е редовен професор на Економскиот факултет, УКИМ
Економија и бизнис | печатено издание | јануари 2024г.
Вака-така испративме уште една година: 2023 година е неповратно зад нас и сето она што не го направивме или што го пропуштивме во неа веќе не може да се поправи. Поради тоа во оваа прилика нема да се занимаваме со неа, туку само ќе кажеме дека, поради комбинацијата на нискиот економски раст (малку над 1 % во првите три квартали) и високата инфлација (речиси 10 %), 2023 година ќе остане запаметена само како уште една неславна година во економската историја на Македонија. Оттука во оваа колумна ќе се осврнеме на очекувањата за 2024 година.
Во изминатиов период, од неколку извори пристигнаа проекциите на главните економски показатели во 2024 година. Во поглед на економскиот раст, иако се предвидува дека ќе биде повисок во споредба со лани, сепак тој ќе биде далеку од спектакуларен. Така, очекуваниот економски раст се движи од 2,5 % (според Светската банка), 2,8 % (според Консензус форкаст), околу 3 % (според Народната банка, Европската комисија и Меѓународниот монетарен фонд) до 4 % (според Министерството за финансии). Ако ја отфрлиме проекцијата на власта која, по дефиниција, мора да биде оптимистична во изборната година, најверојатно растот ќе изнесува меѓу 2,5 % и 3 %. Во поглед на инфлацијата, проекциите се движат од 2,5 % (според Министерството за финансии), 3,5 – 4 % (Народната банка, Светската банка, Европската комисија и Консензус форкаст) до 4 % (според Меѓународниот монетарен фонд). Повторно власта е најоптимистична (многу повеќе од Народната банка која, по дефиниција, би требало „да навива“ за пониска инфлација), што е сосема својствено за политичарите кои го гледаат светот низ очила. На тој начин, оцената за македонската економија во 2024 година ќе зависи од вкусот на читателите: оптимистите ќе ги оценат главните резултати како задоволителни (повисок раст и пониска инфлација од лани), а песимистите ќе речат дека се скромни или лоши (скромен раст со повисока инфлација од прифатливата).
Како и секоја претходна година, така и Буџетот за 2024 година е претставен ем како развоен ем како стабилизациски (предвидениот буџетски дефицит изнесува 3,4 % наспроти 4,8 % во 2023 година). Според Владата, а тоа очекување (или надеж) го дели и централната банка, најголемиот двигател на економскиот раст во 2024 година ќе бидат инвестициите (за кои се очекува да пораснат за 8 %). Тука најмногу се мисли на државните инвестиции (за кои во Буџетот се предвидени над 700 милиони евра) со посебен нагласок врз инвестициите во физичката инфраструктура (патната и железничката мрежа на коридорите 8 и 10, како и гасификацијата). Сето ова звучи убаво, но е тешко остварливо имајќи го предвид фактот дека јавните инвестиции од овој вид течат многу бавно. Само сетете се колку време се гради автопатот Охрид − Кичево, па ќе ви биде јасно колку од најавените патишта ќе се изградат во 2024 година. На пример, поучен од претходниот пример, можам да се заколнам дека на автопатот Ќафасан − Требеништа ќе бидат ставени најмногу десет колчиња за обележување на трасата, а за развојниот ефект од изработката на физибилити студијата за автопатот Тетово − Призрен не вреди ни да се трошат зборови. Оттука сосема е веројатно дека ќе се оствари само мал дел од најавените јавни инвестиции, а тоа ја намалува вербата во инвестициите како основен двигател на растот.
Уште повеќе, ако погледнеме во што се состои развојната намена на Буџетот, лесно ќе го забележиме присуството на извртената логика на политичарите. Така, во Буџетот за 2024 година се предвидуваат повисоки плати за 18 %, односно за дури 160 милиони евра; се разбира, тоа повлекува и повисоки пензии за 170 милиони евра; најпосле, социјалните надоместоци ќе се зголемат за 60 милиони евра. Според тоа, овие три „суперразвојни“ компоненти ќе нѐ чинат дополнителни 400 милиони евра. Не треба да се биде никаков економист, па да се разбере каков ефект врз развојот на македонската економија ќе има фактот што Владата ќе им ги зголеми платите на партиските војници и на безбројната војска составена од паразитите во јавната администрација чија продуктивност на трудот е толку ниска што не може ниту да се измери. Згора на тоа, кога дополнително ќе ги „подмачкаме“ бабите и дедовците со уште 170 милиони евра, тоа секако ќе претставува дополнителен импулс во развојот.
Централната банка, која е многу попрофесионална од Министерството за финансии, а освен тоа и неоптоварена од политичкиот маркетинг, е многу повоздржана во проекциите за македонската економија во следниов период. Според нејзините проекции, главните двигатели на растот на македонската економија во следниве две години ќе бидат инвестициите (во најголем дел јавните инвестиции во патната мрежа) и домашната побарувачка, т. е. потрошувачката на домаќинствата засилена од порастот на платите и на пензиите. Во тој поглед, и централната банка зборува за платите како „основниот двигател на растот“, што е страшно зашто економската теорија не познава такво нешто. Економијата нѐ учи дека долгорочниот раст зависи од инвестициите, од човечкиот капитал и од продуктивноста. Исто така централната банка очекува солиден раст на извозот (ако растот од 5 % воопшто може да се нарече солиден), но срамежливо наведува дека придонесот на нето-извозот ќе биде негативен, што со прости зборови значи дека ќе порасне извозот, но увозот ќе порасне уште повеќе, па крајниот резултат ќе биде: еден чекор напред, а два назад. Дека од извозот не може да се очекува ништо посебно говори фактот дека во 2024 година се очекува забавување на растот на светската економија, а тоа особено се однесува на развиените земји. Во тој поглед, и во оваа година европската економија ќе биде анемична, со проектиран раст од 1,5 %, а растот во Германија нема да достигне ни 1 %.
Каква монетарна политика може да очекуваме во 2024 година? Според најавата на гувернерот, дали централната банка ќе испорача пониски каматни стапки пресудно ќе зависи од три фактори: движењето на инфлацијата, движењата на девизниот пазар и политиката на Европската централна банка. Што се однесува до првиот фактор, стапката на инфлација во 2024 година ќе се движи околу 4 %, а тоа е значително повисоко од нивото кое одговара на поимот „стабилност на цените“. Во однос на вториот фактор, состојбата е стабилна зашто на девизниот пазар нема поголеми притисоци, а девизните резерви се на задоволителното ниво од четири милијарди евра. Најпосле, во однос на третиот фактор, Европската централна банка не најавува некои промени во основната каматна стапка, а ако има некакво намалување, тоа би било мало и би се случило во втората половина од 2024 година. Кон овие три фактори, секако, треба да се додаде и четвртиот – изборите. Како што е вообичаено, пред секои избори власта има обичај да биде дарежлива кон изборното тело со намера да си ја „купи“ победата со помош на плати, на субвенции, на пензии итн. Оттука веројатно централната банка ќе биде (и треба да биде) многу внимателна, што значи дека евентуалното значително олабавување на монетарната политика може да се очекува дури во втората половина на 2024 година.