Економија
Јапонија се подготвува да прогласи крај на дефлацијата
05.03.2024г.
Владата на Јапонија ја разгледува можноста и официјално да прогласи крај на дефлацијата во земјата, пренесе агенцијата Кјодо, која се повикува на неименувани извори. Јапонската влада со ова на симболичен начин ќе објави дека е отстрането едно од главните тесни грла за раст на јапонската економија.
Крајот на дефлацијата, односно завршување на периодот на намалување на цените и трошоците во државата, би можело официјално да го објави премиерот на Јапонија Фумио Кишида, или некој од членовите на Кабинетот на Јапонија.
Јапонската влада, исто така, би можела да ја објави оваа информација во својот месечен економски извештај. Притоа, Владата внимателно ќе гo испита исходот од преговорите за платите на вработените и менаџерите кои се најавени за оваа пролет. Воедно ќе се испитаат и прогнозите за инфлацијата за да се види дали се создадени услови Јапонија да прогласи конечен крај на дефлацијата.
Јапонија е заглавена во маѓепсаниот круг на падот на цените кои им наштетуваат на корпоративниот профит и го успорува растот на платите, а влијае и на стагнација на приватната потрошувачка, тврди Кјодо њуз.
Неодамна, шефот на централната Банка на Јапонија, Казуо Уеда изјави дека земјата се наоѓа „во состојба на инфлација“ и со тоа ги поттикна шпекулациите дека Централната јапонска банка на пролет ќе ги укине негативните каматни стапки и ќе отстапи од релаксираната монетарна политика, пренесува Еуроњуз.
Јапонија не е повеќе трета економија во светот, а прелиминарните податоци објавени на крајот на февруари, покажуваат дека јапонската економија во четвртиот квартал во 2023 година падна за 0,1 отсто, а со тоа влезе и во техничка рецесија. На нејзино место дојде Германија и покрај бројните економски проблеми со кои се соочуваат германските компании.
фото freepic