Економија
Чебрен − најголемата нелогичност на нашава држава
Дејан Азески | Авторот е историчар, новинар и публицист
Економија и бизнис | печатено издание | јануари 2024г.
Истече рокот кој го имаше грчката фирма „Архиродон“ за да стави потпис на договорот за проектот „Чебрен“ и за изградба на хидроцентралата на Црна Река со што официјално пропадна и четрнаесеттиот меѓународен тендер за изградба на најголемата македонска хидроцентрала. Официјалната причина е жалбата на грчката компанија дека условите во тендерот биле поинакви од оние кои се донеле со одлука на Владата, но веројатно голема улога одигра и притисокот од јавноста.
Повеќе од 50 години Македонија ја чека изградбата на мариовската хидроцентрала „Чебрен“ која по своите перформанси би требало да биде најголема во земјава. За тој период (грубо сметано) се потрошени повеќе од три милијарди евра за увоз на електрична енергија од странство или средства доволни за изградба барем на пет хидроцентрали од ваков тип. Во меѓувреме скокнати се и цените на градба и цените на киловат електрична енергија, но за жал, многу е намален и хидропотенцијалот на Црна Река. Сублимирано, поради одлагањето на изградбата на „Чебрен“, милијарди евра наши пари неповратно ни се одлеале низ пустите клисури на Мариово.
Дополнително, поради еколошките обврски да расчистиме со јагленот до 2030 години, нам како држава „Чебрен“ ни е неопходен час поскоро не само како произведувач туку и како балансер на сè поголемиот процент енергија базирана на фотоволтаиците. Со оглед дека централата не може да се изгради под 7 до 8 години, неоходно е со процедурите да се почне веднаш. Но, со оглед дека и покрај повластените услови пропадна и последниот меѓународен тендер, а од друга страна државава нема финансиска кондиција за ново толкаво задолжување, очигледно е дека фотоволтаиците наскоро ќе ги балансираме со увоз на скапа струја во најголемите пикови на потрошувачка.
ШТО СÈ МОЖЕ ДА НИ ДОНЕСЕ „ЧЕБРЕН“?
Познато е дека производството на електрична енергија зависи од техничките карактеристики на браната како: висината, инсталираниот капацитет, режимот на работа, дали ќе биде реверзибилна или не. Но, генерално се проценува дека производството на електрична енергија од „Чебрен“ би се движело во границите од 870 до 1 140 гигават часови. Изградбата на оваа централа, во согласност со претходните студии, се проценува на 7 до 8 години, а поврат на инвестицијата за период од 25 до 30 години.
Во минатото изградбата на „Чебрен“ се поврзувала со изградбата на нуклеарна централа во Мариово, но во овој момент е проект што е анализиран сам од себе, односно со оптимизација на работата заедно со постојната ХЕЦ „Тиквеш“ и евентуална изградба во иднина на ХЕЦ „Галиште“.
Придонесот на „Чебрен“ и на „Галиште“ во електроенергетскиот систем на Македонија би изнесувал околу 400 милиони киловат часови електрична енергија годишно. Тие би учествувале со 5 отсто од денешните потреби за електрична енергија, но нивниот придонес е позначаен како вршна енергија која може да се пласира во периоди на висока тарифа. Уште поголема корист може да се добие од нив како капацитети со висока инсталирана моќност, кои би ги компензирале брзите варијации и непредвидливоста на обновливите извори на енергија од фотоволтации и од ветерни паркови.
Технички карактеритики на браната и на езерото
Преградното место „Чебрен“ се наоѓа на Црна Река, оддалечено 81 km низводно од нејзиното устие во Вардар, во близина на с. Манастир, а околу 7 km спроти текот на реката од Расимбегов мост, во клисурниот дел на Црна Река.
На овој потег веќе е изградена ХЕ „Тиквеш“ со нормална кота на акумулацијата 265,00 м н. в., додека за останатиот клисурен дел на Црна Река анализирани се повеќе варијантни решенија за нејзино енергетско искористување при што во претходната студиска фаза на проектирање усвоено е да се изградат две прибрански хидроелектрани со значаен акумулациски простор, и тоа: ХЕ „Галиште“ со нормална кота на акумулацијата 392,00 м н. в. и ХЕ „Чебрен“ со кота на акумулацијата 565,00 м н. в.
Самото преградно место на ХЕ „Чебрен“ претставува најтесен дел на речното корито на Црна Река во близина на с. Манастир со погодни топографски, геолошки и геотехнички карактеристики, што овозможуваат изградба на висока брана − 192,50 м и формирање на акумулација со волумен од 915 милиони м3.
Дел од овој волумен до кота 515,00 м н. в. како минимално ниво ќе биде корисен волумен од 555 милиони м3 вода или 60 % од вкупната акумулација со што е можно да се изврши повеќегодишно регулирање на природните протоци на Црна Река.
ХЕ „Чебрен“ е лоцирана блиску до браната на брегот од реката, со разводна постројка блиску до машинската зграда. Во електраната ќе се вградат три реверзибилни агрегати со 110,85 MW инсталирана моќност по агрегат во турбински режим и 115,78 MW инсталирана моќност по агрегат во пумпен режим.
Врската со електроенергетскиот систем ќе биде преку 400 kV далновод и 400/110 kV трафостаница „Мариово“.