Економија
Австралија забележа најнизок раст во последните децении
08.03.2024г.
Со остварен годишен раст од 1,5 отсто во 2023 година Австралија имаше најслаба економска година во последните неколку децении. Најновите податоци на Австралиското биро за статистика покажуваат дека економијата на оваа земја во последниот квартал од минатата година забележа раст од 0,2 отсто.
Иако бруто домашниот производ на Австралија во последните девет месеци бележи пораст, според аналитичарот за пазари, Тони Сикамору, ова е слаб раст, ако се има предвид дека БДП, во последните неколку децении, растел со три отсто. Економскиот експерт Стивен Смит нагласува дека ова е најмала годишна стапка на економски раст од рецесијата во 1990 година, ако се исклучат периодот на пандемијата и воведувањето на данокот на производи и услуги.
Слабата потрошувачка на домаќинствата се гледа и во нејзиниот годишен раст од само еден отсто во последниот квартал од 2023 година. Сепак, потрошувачката на домаќинствата се однесува само на основните работи. Според мислењето на Стивен Смит податоците на Австралискиот завод за статистика е доказ дека зголемувањето на каматните стапки од страна на Банката за државни резерви (РБА), во ноември било непотребно. Зголемените каматни стапки се причина за падот на изградбата на нови куќи, што се одрази на повисоките наемнини, кои го успоруваат падот на инфлацијата во Австралија, пренесе порталот Вести.онлајн.
фото freepic