Економија
Ветерните електрани во Германија произведуваат третина од домашната струја
08.03.2024г.
Јагленот го губи приматот во производството на електрична енергија
Јагленот не е повеќе главен енергент за производство на електрична енергија во Германија, а на прво место е енергијата добиена од ветер. Во 2023 година речиси 31 отсто од вкупното производство на струја е добиена од ветерните електрани, соопшти Сојузниот завод за статистика на Германија, пренесува Капитал.ба.
Производството на струја од ветер достигна рекорд со 139,3 милијарди киловат часови. Покрај ова, за прв пат во изминатите 12 месеци било произведено повеќе струја од обновливи извори, како ветар, вода и сонце, отколку од другите конвенционални извори.
Од „зелените“ извори биле произведени 251,8 милијард кв/ч, односно 56 отсто од вкупното производство на струја во Германија, кое изнесува 449,8 милијарди кв/ч.
Во 2022 година, јагленот бил најважен извор на струја со учество од 33,2 отсто, а од енергијата од ветер се добивале помалку од 24 отсто. Во минатата година јагленот е на второ место со 26,1 отсто од производството на струја.
Минатата година биле отворени нови капацитети за добивање на струја од ветер, а неговото процентуално учество се зголемило и поради намалувањето на вкупната количина на произведена струја во Германија за 11,8 отсто во однос на 2022 година. Минатата година побарувачката за струја од големите индустриски потрошувачи е намалена, поради забавувањето на германската економија, но и поради порастот на узвозот на струја, објави Сојузниот завод за статистика на Германија.
фото freepic