Економија
Нови милијарди помош за владините институции на САД
09.03.2024г.
Американскиот Сенат пред истекот на рокот го донесе владиниот пакет на државна потрошувачка во износ од 459 милијарди долари. Со овој финансиски пакет до крајот на фискалната година на 30 септември годинава ќе се финансираат потребите во земјоделството, транспортот, станбената област, енергетиката и други државни програми.
Оваа мерка, која содржи шест закони за потрошувачка, а која е усвоена во Претставничкиот дом и во Сенатот ќе треба да биде испратена на потпис кај американскиот претседател Џозеф Бајден.
Претставничкиот дом на Конгресот претходно го усвои пакетот со кој ќе се финансираат околу 30 отсто од владините институци, но пред гласањето претходеше противење од некои републиканци кои тврдеа дека со оваа мерка не е направено доволно за намалување на федералната потрошувачка, пренесува АП.
Републиканците предлагаа со нацрт закон да се предвидат нови мерки за решавање на имиграцијата на јужната граница на САД. Републиканците имаат тесно мнозинство во Претставничкиот дом, додека демократите го држат Сенатот со едно сенаторско место повеќе од републиканците.
Конгресмените преговараат и за втор пакет од шест закони, меѓу нив и законот за одбрана, а тоа ќе овозможи сите федерални агенции да бидат финансиски покриени пред истекот на рокот на 22 март, пренесе Ројтерс.
фото freeoic