Економија

Србија ја шири мрежата на електрични полначи за автомобили

Две компании биле избрани на јавниот повик на Јавното претпријатие „Патишта Србија“ за изградба на 16 зелени станици на главните сообраќајни коридори во земјата. Проценетата вредност на оваа инвестиција, која е наведена на јавниот повик, изнесува околу 768 милиони динари.

Според претходните најави на Горан Весиќ, српскиот министер за сообраќај, градежништво и инфраструктура се планира да се постават најмалку 80, а најмногу до 320 полначи за електрични автомобили, со најмалку два приклучока за полнење на секој полнач со минимална сила од 150 КВ.  Зелените станици ќе бидат поставени на постојните места за одмор и паркирање до бензиските пумпи, ресторани, сервиси, продавници и други објекти кои се лоцирани покрај автопатиштата во Србија.

Државата ќе им овозможи на компаниите користење и експлоатација на изградените станици на период од 15 години со можност за продолжување на рокот.

Во почетната фаза, идните зелени станици ќе бидат изградени на 16 локации на автопатот Белград-Суботица, на одморалиштата Ловченац и Биково, а во насока кон Белград кај поранешната наплатна станица Сириг и на одморалиштето Ковиљ.

На автопатот Белград-Ниш ќе има станици за полнење на електрични автомобили кај местото Шепшин во двете насоки. Во насока кон Ниш ќе има електрични полначи на одморалиштето Бобовиште, а кон Белград на одморалиштето Марковац.

Зелени станици на автопатот Ниш-Прешево ќе има кај местата  Превалац и Чокот. На патниот правец Белград-Шид ќе има полначи на одморалиштата Буѓановци и Мартинци. Зелени станици ќе бидат поставени и на автопатот Ниш-Димитровград и на автопатот Милош Велики, кај Чачак, пренесува порталот Екапија.


фото freepic

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано