Економија
Најголеми разлики во трговските маржи има кај свинското месо и млечните производи
21.03.2024г
Просечната стапка на бруто маржата за прехранбените производи во трговијата на мало изнесувала 14,9 отсто, покажало истражувањето за приходите од продажбата во внатрешната трговија во Србија. Водечките 20 компании во трговијата на мало имале просечна стапка на бруто маржа од 20,8 отсто за кафето, 26,9 отсто за киселото млеко, 12,9 отсто за млекото, 34,8 отсто за маслац. Републичкиот завод за статистика за потребите на Владата на Србија го спроведе истражувањето во периодот од 1 јуни до 1 ноември 2023 година, објави Нова економија.
Дваесетте водечки правни субјекти во трговијата на мало покриваат околу 83 отсто од пазарот на прехранбени производи во Србија. Само првите три компании учествуваат со 48,9 отсто од пазарот. Просечната стапка на бруто маржа за сите производи од групата на „Водечки 20“ изнесувала 14,6 отсто, а највисоката просечна маржа кај овие компании изнесувала 23,8 отсто, а најниската 5,1 отсто. Кај тргоските компании во групата „Други“ просечната маржа изнесувала 16,9 отсто.
- Во групата на „Водечки 20“ не се забележани значајни отстапувања во просечната малопродажна цена кај набљудуваните производи. Ова може да се објасни со поволните услови при набавката на стоката од добавувачите, како од домашниот пазар и од увозот, се наведува во анализата на РЗС.
Резултатите на истражувањето покажале дека не постојат битни разлики меѓу двете групи на трговски компании. Исклучок има кај свежото месо и рибата. Овие производи од трговците од групата „Други“ се продавале со повисока маржа, додека за маслото за јадење, кафето имаат повисоки маржи кај фирмите од „Водечките 20“. Најголеми разлики меѓу двете групи има во категоријата на производи свежо свинско и пилешко месо (цело пиле).
На ниво на производи, најголема ралика во висината на бруто маржите има кај маслацот, со максимална стапка од 76,4 отсто, додека минималната бруто маржа која е забележана изнесува девет отсто.
Најмали отстапувања во маржите има кај шеќерот, со максимална стапка на бруто маржа од 17,7 отсто , наспроти минималната од 1,9 отсто.
Црвениот компир кај најголемите трговци се продавал со просечна бруто маржа од 18,6 отсто, а кај „другите“ трговци била 24,1 отсто! Маржата за гравот кај големите трговци изнесувала 25,1 отсто, а кај „другите“ 21,4 отсто, објави Нова економија.
фото freepic