Економија

Во Црна Гора се ограничува трговската маржа за 500 производи

Ограничената маржа е од 5,  7, 10 и 15 отсто за најважните производи за живот 

Владата на Црна Гора донесе одлука за ограничување на маржата на повеќе од 500 производи која ќе трае до 31 мај годинава. Списокот на производите кои се од посебно значење за животот и здравјето на граѓаните со ограничена трговска маржа е објавен денеска, пренесува РТЦГ.

Максималниот износ на маржата од пет отсто во трговијата на големо, односно седум отсто на трговијата на мало, се однесува за брашното од пченица Тип 400  и за Тип 500, за шеќерот, масло за јадење од сончоглед и солта.

Во трговијата на големо и на мало, максималниот износ на маржата од 10 отсто се применува за: домашно бело сирење, јогурт од домашно производство, свеж компир,  млеко со 2,8 отсто масленост, за цело пиле, свински врат без коски, оризот во долго зрно, тестенини од бело брашно, смрзнат грашок, маргарин, чајна од домашно производство, шунка, пилешки гради, суџук од домашно производство, сува свинска сланина, пилешка паштета, туна во масло, џем од сливи, мармалад, говедски гулаш во конзерва, благ кечап, свежа пастрмка, сардини во масло без додаток, полутврдо сирење (ајдамер, гауда).

Максимална маржа од 10 отсто во трговијата на големо, односно 15 отсто во трговијата на мало се определува за: цврстиот детски сапун, детски пелени економи, шампон за бебиња, овошни кашички за бебиња, шампон за возрасни, трослојна тоалетна хартија, детергент за алишта и хигиенски влошки (стандард). 

-            Ова не значи само спречување на растот на цените на овие производи туку се намалува и цената на одредени производи. Благодарам и за компаниите кои прифатија вакви мерки, изјави црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, по завршувањето на седницата на Владата на Црна Гора.

Со оваа одлука трговците ќе бидат задолжени да ги обележат овие 500 производи со ограничени маржи. Помалите маркети ќе бидат ослободени од оваа одлука за ограничени маржи.


 

фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано