Економија

Судејќи по политиката - економски нè чека тешка 2024 година

Дејан Азески | Авторот е историчар, новинар и публицист

Од која-годе страна на светот да се анализира, навистина ништо добро не може да очекуваме во 2024 година. И оние малку позитивни прогнози на врвните светски економски авторитети оставаат голем простор за евентуална грешка предизвикана од нови уште поголеми политичко-безбедносни потреси кои, повеќе од сигурно, ќе се случат


Ако веќе сигурно согледаме дека економијата е многу зависна од политичките, особено безбедносните процеси, тогаш претстојната 2024 година нема да биде добра на ниеден план.

Од една страна, рускиот претседател Владимир Путин во неодамнешното многу популарно интервју со новинарот Такер Карлсон ја забетонира својата позиција на отпор со зборовите дека „Русија е невозможно стратешки да биде поразена никогаш“. Од друга страна, официјален Киев експресно одговори со смена на челната позиција на Генералштабот и функцијата ја презеде прославениот генерал Сирски познат по многу поголемата смелост и помалата тактичност во однос на неговиот претходник Заслужни. Тоа и за едната и за другата страна значи не само сигурно продолжување туку и интензивирање на непријателствата. Да потсетиме, во моментов во тек е руска офанзива која е многу блиску до заземање на стратешки важниот град Авдивка (или предградие на Донецк) кој украинската армија жилаво го брани уште од 2014 година. Ако дојде до ова, Украина ќе биде приморана да презема своја нова брза контраофанзива, што повторно ќе значи ескалација на веќе ескалираниот конфликт. Дури и надежите дека евентуалната победа на Трамп на крајот на годинава би можела да ја смири ситуацијата ги демантираа и Путин и Лавров (можеби намерно за да му помогнат на Трамп) што не е изненадувачки ако се знае нивото на самостојно одлучување кое го имаше самиот Трамп во првиот мандат.

Но, не е само Украина. Ако навистина дојде до промена во Белата куќа, сигурно ќе ескалираат работите на Блискиот Исток. Познато е дека републиканците генерално се многу поригорозни во поддршката на Израел, па така пораките на Бајден за смирување ќе се заменат со нови буџети и воена помош наменети за нова ескалација. Нејасно е ниту што ќе биде со Иран и дали политичкото раководство на САД конечно ќе ја донесе долгоочекуваната одлука за директен напад врз оваа најстара светска држава. За таква солуција дури и не треба да се чека Трамп бидејќи и Бајден ниеднаш не ја исклучи како можност. Во тој случај, на сите ни е јасно што ќе се случи со цената на нафтата, особено кога Ормутскиот Теснец ќе стане небезбеден за танкерите со нафта. За жал, ова не е прв случај во историјата Блискиот Исток да стане главен креатор на цените и од овие навидум економски слаби држави да зависи сета стабилност на светската економија, вклучително и на валутите. Едноставно, ова историско место каде што многу пати се судирале цивилизациите ја има таа моќ и ден-денес да ги диктира правците во кои се движи остатокот од светот.

Поголем проблем е што и без да се случи тоа, пренасочувањето на евтините кавкаски енергенти од германската спрема индиската и кинеската економија веќе наголемо влијае на цените и на состојбите со конкурентноста во светот. Европа која, од една страна, е пренебрегната со сè поголеми суми на пари кои мора да ги пренасочува кон фронтот во Украина, од друга страна се бори да постигне конкурентна цена до неприродно високи инпути. Тоа е речиси невозможна мисија и дополнително ќе се интензивира, особено ако се намали пристапот до евтина работна сила поради сигналите кои веќе се испраќаат за кратење на социјалните бенефиции на новите мигранти. Значи ситуација како родена за некои многу поголеми проблеми и претумбации.

Тука треба да се бара или да се предвидува и најголемата штета за нашата домашна економија која, и во делот на извозот и во делот на подизведувањето, е во огромен дел поврзана и зависна токму од германската економија. Многумина кои веруваат буквално во економската генијалност на Германците сметаат дека тие и за оваа ситуација можат да најдат решение, но ако се анализира врз база на досега познатите законитости на економската наука, тоа ќе биде навистина многу тешко. Буквално Германија за прв пат во историјата е во ситуација од ништо да мора да создава нешто и тоа да го продава на пазари кои веќе се преплавени од конкурентските поевтини продукти. Веројатно оваа вештачка економска криза која е предизвикана од политиката може да се лекува само на политички начин. На пример, ако Европа реши вештачки и со бариери да си ги заштити домашното производство и населението. Но, дали е тоа реално изводливо во глобално зависна економија со веќе толкав процент на мигранти допрва треба да видиме. Во секој случај, екстремно десничарските партии токму на овие фрази го „билдаат“ својот рејтинг, што е проблем сам по себе кој допрва ќе ја тишти економијата.

Паралелно на сето ова сè повеќе држави во светот сакаат да веруваат дека доаѓа крајот на доминацијата на доларот што, без разлика дали е точно или не, сигурно ќе предизвика бројни финансиски импликации. Историјата на економијата памети вакви преодни период кога не можеле да се дефинираат и да се гарантираат реалната вредност на добрата и на валутите и на размената и секогаш тие завршувале со исклучително големи компликации и страдања на населението.

И, секако, најстрашно од сè е ако овие процеси се издолжат со години и ако различните држави и лоби групи заборават кој е главен авторитет во светот. Во такви ситуации низ историјата секогаш настапувала состојба на анархија која, по правило, знаела да трае и децении и векови сè додека на престолот не се стабилизира старата или устоличи некоја нова супер сила. Во меѓувреме, неминовно страдала и страда економијата која природно во своето устројство не сака и не толерира нестабилност, пред сè поради нејзината непредвидливост.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано