Економија
Украина станува сериозен конкурент во извозот на јаболка
06.04.2024г.
Трговците и производителите на јаболка од Украина ги подобруваат своите извозни потенцијали и стануваат сериозни конкуренти на другите земји извознички на ова овошје. Украина во јануари 2024 година испорачала свежи јаболка во 22 земји на различни континенти. Само во Обединетите Арапски Емирати се испорачани 2,5 илјади тони јаболка и покрај проблемите со испораките преку Црвеното Море, пишува „Политика“.
Меѓу најголемите увозници на јаболка од Украина се и Саудиска Арабија и Ирак, а на четврто место е Узбекистан. На петто место е Турција, која е една од светските лидери во извозот на јаболка. Но турските компании ги купувале црвените сорти на јаболка од Украина заради реекспорт во Индија. Украинските производители поради нерешените трговски договори немаат директен пристап на индискиот пазар. Од земјите во Европската Унија Шведска е најголемиот увозник на свежи јаболка од Украина.
- Најверојатно се случува истото како и со житарките и украинските производители ги намалиле цените за трговските синџири. Во последно време цените стануваат важен фактор на глобалниот пазар. Србија мора истовремено со ширењето на извозот да ја поттикне и домашната продажба и да го промовира значењето на локалното производство на овошје вели Зоран Кесеровиќ, експерт за овоштарство, во разговор за „Политика“.
фото freepic