Економија
Словачка се соочува со највисок буџетски дефицит во ЕУ
09.04.2024г.
Владата на Словачка планира да го зголеми данокот за засладени безалкохолни пијалоци, како и за тутунските производи во рамките на пакетот мерки за консолидирање на буџетската сметка за 2025 година во вредност од 1,4 милијарди евра. Буџетскиот дефицит на Словачка годинава надмина над шест отсто од БДП и е најголем во еврозоната, поради високата државна потрошувачка. Актуелната влада дава големи субвенции за високите сметки за енергија на граѓаните, а ги покачи и пензиите, пренесува „Ројтерс“.
Новата влада на премиерот Роберт Фицо ќе ја разгледува и опцијата за намалување на бројот на работни места во државниот сектор.
Министерот за финансии Ладислав Каменски изјави дека во 2025 година ќе се зголемат даноците и ќе се намали потрошувачката за еден отсто од БДП, за да може да се намали буџетскиот дефицит на три отсто која е горна граница во Европската Унија.
Словачка мора да се посвети и на висината на јавниот долг кој годинава ќе треба да се намали на 59,3 отсто од БДП, во споредба со минатогодишните 57,9 отсто. Меѓународните финансиски институции го намалија кредитниот рејтинг на Словачка за еден степен, на „А-“, поради влошување на состојбата во јавните финансии и нејасната владина политика за финансиска консолидација на буџетот, пренесе „Пословни дневник“.
фото freepic