Економија
Македонски железници одбележаа 151 година од своето постоење
09.04.2024г.
Либерализацијата на транспортот како нова можност за модерна железница во Македонија
Македонски железници – Инфраструктура денеска одбележуваат 151 година од основањето, односно кога на 9 април 1873 е пуштена македонската делница на трансбалканската линија Виена – Солун. За визијата и за идниот развој на железничкиот сообраќај во Македонија говореше директорот на ЈП за железничка инфраструктура Зоран Трифуновски, кој нагласи дека фокусот на инвестициите е ставен на доизградбата на железничките коридори кон Бугарија и Албанија, но и на одржувањето на постојната инфраструктура.
- Работата на првите две траси кон пругата со Бугарија се одвиваат со добра динамика и ќе биде пуштена во функација со зачленувањето на државата во Европската Унија до 2030 година, изјави Трифуновски.
Директорот на Македонски железници – Инфраструктура ја најави и реализацијата на проектот за брза пруга на релација Белград-Скопје-Атина, како дела од регионалниот железнички коридор.
Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи пред присутните гости на свеченоста по повод Денот на железничарите, се осврна на процесот на либерализацијата на железничкиот сообраќај.
- На либерализацијата не треба да гледаме со страв од губење на работните места туку да ја прифатиме како можност за да ја искористиме нашата стратешка локација и поврзаноста со пристаништетот во Пиреја, порача вицепремиерот за економски прашања Битиќи.
На Македонија и е потребен брз, модерен и ефикасен железнички систем и тоа е предуслов за економскиот раст и развој на земјата, рече министерот за сообраќај Благој Бочварски.