Економија

Во Македонија платите се зголемуваат, а нема раст на продуктивноста

Светска банка го презентираше редовниот Економски извештај за Западен Балкан

Раст на инфлацијата од три отсто во 2024 година и враќање на долгорочниот просек на земјата од два процента во периодот 2025 - 2026 година. Како ризик што годинава може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво е зголемувањето на платите кои не се во согласност со продуктивноста, се оцените на Светската банка, кои беа искажани на денешната презентација на редовниот Економски извештај за Западен Балкан.

Според Светска банка, земјава бележи зголемен буџетски дефицит, а минатата година имала и економски раст најнизок во регионот. Оваа година се очекува растот да биде силно поттикнат од градежните работи на автопатиштата.  Проекциите на СБ за 2024 година се стапка на раст на инфлацијата од три отсто, а во 2025 - 2026 година, враќање на долгорочниот просек на земјата од два процента.

-       Ако на почетокот инфлацијата беше главно предводена од растот на цените на храната и енергијата, сега веќе тој раст се пренесува во производството, со  повисоки цени на производство, повисоки цени на други производи кои користат инпути (енергија, услуги, трошоци за вработени). Ова е тој второстепен ефект на зголемувањето на цените кој  продолжува и ние го гледаме во повисока т.н. базична стапка на инфлација. Тоа останува се уште високо за Северна Македонија, затоа очекуваме да има притисоци од таму, исто така и од континуираниот раст на платите кој продолжува и очекуваме дека ќе продолжи, истакна економистот Јоана Маџоска.

Како што истакна Сања Маџаревиќ-Шујстер, виш економист, во однос на инфлацијата  Маледонија доста добро успева да се носи во споредба со, на пример, Србија, која забалежала најголема инфлација во регионот.

-       Растот минатата година се забрза, имаше многу инвестиции кои ја надополнија големата побарувачка на домаќинствата и според тоа, дојде до поголема инфлација отколки што очекуваме. Она што видовме во Северна Македонија, е дека инфлаторните притисоци се намалуваат, одговорот на политиките беше доста соодветен, но она што го гледаме како ризик е зголемување на платите кои не се во согласност со продуктивнoста. Тоа е нешто што може да ја одржи инфлацијата на зголемено ниво во 2024 година. Нашите проекции укажуваат дека се работи за инфлација која се приближува кон историските цели, но сепак е зголемена. Тоа е нашето видување за оваа година. Не очекуваме некое глобално влијание од цените на стоките. Овие притисоци ќе исчезнат, но очекуваме притисоци кои доаѓаат од домаќинствата, трудот. Во регионот гледаме дека платите се зголемуваат, а паралелно не се случува раст на продуктивноста, освен во Косово каде има доста остро зголемување на продуктивноста, рече Маџаревиќ-Шујстер. 

Според неа, минатата година растот во Македонија бил најнизок во регионот најмногу поради тоа што извозот не бил толку силен колку што се очекувало.

-       Тоа е поради поврзаноста со германската автомобилска индустрија која бележи намалување веќе две години. Изгледите за раст не се добри и оваа година, кинеските електрични возила го преплавуваат европскиот пазар што е добра порака за Северна Македонија, потребата да се бараат производи кои ги бара пазарот и да се види како локалните фирми да станат добавувачи во секторот за електрични возила. Минатата година имаше и остро намалување на залихите и тоа не беше предвидено во нашата претходна проекција кога велевме дека растот ќе биде 1,10 отсто, објасни Маџаревиќ-Шујстер.

Во однос на фискалниот дефицит, Светска банка во Македонија бележи благо зголемување. Во рамки на целиот регион, беше речено, се зголемени притисоците за социјалните трошоци - трансфери и плати. Трошоците за социјална заштита, особено во БиХ, Србија и С Македонија, го надминале регионалниот просек, односно надминале 13 проценти од БДП. Растот на БДП во Македонија лани бил само еден отсто, се наведува во Извештајот. За годинава перспективите се подобрени, па се очекува растот да достигне 2,5 проценти, а во наредната година 2,9 отсто.


извор МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано