15.04.2024г.
Малта, Грција, Шпанија и Хрватска имале најголем раст на цените на храната во земјите од ЕУ покажуваат податоците на Евростат. Растот на цените на храната во февруари годинава во однос на истиот месец лани изнесувал 2,7 отсто во Европската Унија и 3,1 отсто во земјите од еврозоната. Највисок раст на цените на храната е забележан во Малта (7,3 отсто), потоа Грција (6,5 отсто), Шпанија (5,4 отсто) и Хрватска (5,2 отсто), објави Индекс.хр.
Поскапувањето на лебот и житарките е највисоко во Малта со раст од 6,3 отсто, потоа Словачка со 6 отсто и Бугарија, Хрватска и Полска со 4,8 отсто.
Според растот на цените на месото, Хрватска е трета во ЕУ, а годишниот раст во февруари бил 7,1 отсто. Месото најмногу поскапело во Бугарија (8,2 отсто) и Романија (7,7 отсто), додека на ниво на ЕУ растот изнесуваше 3,3 отсто, а на ниво на еврозоната 3,1 отсто.
Кога станува збор за зеленчукот, Хрватска е апсолутен рекордер во ЕУ со раст од 12,9 отсто во февруари годинава на годишно ниво. Просекот на ЕУ беше 1,2 отсто и во еврозоната 0,7 отсто.
фото freepic