Економија
ЕУ одобри голема германска државна помош за фабрика за полупроводници
20.08.2024г
Европската комисија денеска одобри германска државна помош од пет милијарди евра за новата фабрика за микрочипови на Европската компанија за производство на полупроводници (ЕСМК) во Дрезден.
ЕСМК е заедничко вложување помеѓу Taiwan Semiconductor Manufacturing Company (TSMC), Bosch, Infineon и NXP.
Поддршката за ЕСМК, одобрена според правилата за државна помош на ЕУ, ќе придонесе за подобрување на европската безбедност на снабдување и отпорност, како и за дигиталниот суверенитет во полупроводничките технологии. Тоа ќе придонесе и за дигиталната и зелената транзиција, објави Европската комисија.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на церемонијата на поставување на камен-темелникот на фабриката во Дрезден рече дека новата фабрика е потврда за Европа како глобална моќ во иновациите, дека ја зајакнува технолошката отпорност и значи создавање на 11.000 работни места низ Европа.
Се проценува дека изградбата на фабриката ќе чини вкупно десет милијарди евра.
Новата фабрика ќе снабдува чипови со високи перформанси и ќе биде „отворен тип“, што значи дека секој клиент, а не само акционерите на ЕСМК, ќе може да нарача производство на специфични полупроводници.
извор/фото МИА