Економија

Потенцијалот на ознаката на потекло и на географската ознака за поголема валоризација на македонските земјоделски производи

Емилија Ѓорѓиоска | Aвторот е вонреден професор, Економски факултет − Прилеп, Универзитет „Св. Климент Охридски“ − Битола

Република Северна Македонија е главно земјоделска земја со специфична географска локација и со специфична клима. Учеството на земјоделството, на шумарството и на рибарството во структурата на БДП во Република Северна Македонија во 2022 година изнесувало 7,4 %, што го прави овој сектор значаен чинител во нациoналната економија.1
На тлото на нашава земја се произведуваат значителен број производи чиј квалитет или карактеристики во голема мера зависат од географската средина, вклучувајќи ги природните и човечките фактори, на што се должат нивниот квалитет, својства, одлики и нивната добра репутација. Ознаката на потекло и географската ознака како географски називи се важен сегмент од правото на индустриска сопственост. Заштитата на географските називи за секоја национална економија има непроценливо значење бидејќи преку ваквата заштита се овозможува да се заштитат, да се зголемат и да се промовираат националното наследство и националниот културен туризам и, во крајна инстанца, да се зголеми профитот на овластените корисници на заштитените географските називи кои, во најголем број, се локални мали и средни претпријатија или индивидуални земјоделци.
Во ситуација кога на пазарот има огромна понуда на стоки од ист вид, неопходно е развивање на нивна дистинктивност која наjчесто се прави со обележување на производите. Обележувањето на производите им укажува на просечните потрошувачи дека производот поседува додадена вредност во споредба со останатите на пазарот. Промовирањето на специфичните карактеристики на производот, кои го прават да има посебни својства, квалитет и углед, влијае позитивно како врз потрошувачите така и врз производителите. Потрошувачите ќе купат производ што е поквалитетен, производ чиј процес на производство им е познат, додека пак производителите ќе можат повеќе да ги валоризираат нивните производи. Бројни примери од практиката покажуваат дека прехранбени производи кои потекнуваат од одредено географско подрачје се повеќе ценети и барани од самите купувачи.2 Постојат истражувања кои покажуваат дека на потрошувачите од Европската Унија главен мотив при купувањето производи со географски ознаки им е гаранцијата за квалитет. Според истото истражување, 51 % од испитаниците спремни се да платат повисока цена од 10 до 20 % за производи кои имаат одредено гегографско потекло.3
Ознаката на потеклото е географскиот назив на земјата, на регионот или на местото со што се означува производот кој потекнува од тоа подрачје и чиј квалитет и посебни својства исклучиво или претежно се условени од географската средина, вклучително и природните и човечките фактори и чие производство, преработка и подготовка во целина се одвиваат на одредено ограничено подрачје на потеклото. Доколку квалитет, угледот или други карактеристики на производот може да се припишат на географското потекло, во тој случај географскиот назив на земјата, на регионот или на местото може да се користи како географска ознака. Географската ознака за еден производ може да се штити под услов производството и/или постапката и/или подготовката на производот да се одвива во определено место на потеклото. Доколку производот не ги исполнува условите за заштита како ознака на потекло, тој може да се заштити како географска ознака.
Со географски називи може да се заштитат природни производи, индустриски непрехранбени производи, занаетчиски производи и производи од домашна ракотворба. Со заштитениот географски назив се одбележуваат и земјоделски производи, прехранбени производи, индустриски прехранбени производи кои не се опфатени со Законот за квалитет на земјоделски производи. Земјоделските и прехранбените производи кои се заштитуваат како ознака на потекло или географска ознака согласно Законот за квалитет на земјоделски производи се определени со решение на министерот за земјоделие, водостопанство и шумарство. До донесувањето на Законот за квалитет на земјоделските производи, сите производи кои можеа да бидат заштитени со географски назив се регистрираа согласно Законот за индустриска сопственост. Со донесувањето на Законот за квалитет на земјоделските производи, за земјоделските производи беше утврден парцијален, односно секторски режим.
Согласно Законот за квалитет на земјоделските производи, постапката за регистрација се води пред Министерството за земјоделие, водостопанство и шумарство врз основа на поднесено барање. Барање за регистрација може да поднесе заинтересирана група на оператори кои се занимаваат со производство, со преработка или со трговија на ист земјоделски или прехранбен производ без разлика на нивниот правен облик или состав. Барањето со кое се бара регистрација на ознака на потекло задолжително содржи елаборат за производот за кој се бара заштита. По спроведувањето на соодветната постапка, министерот носи решение за регистрација на ознака на потекло или географска ознака. За издадените решенија се води регистар. Согласно податоците објавени на веб-страницата на Министерството, во Регистарот на географски ознаки се запишани само три производи: охридска цреша, преспанско јаболко и македонско јагнешко од овчеполска праменка.
Со цел добивање на целокупна слика за бројот на заштитени географски називи, ќе бидат анализирани и податоците добиени од Државниот завод за индустриска сопственост (ДЗИС) за заштитени географски називи согласно Законот за индустриската сопственост. Според добиените податоци од ДЗИС, до април 2024 година заштитени се 55 географски ознаки од кои: 30 се води, 10 се вина, 5 се однесуваат на бело овчо сирење, 2 на мед, 1 на ориз, 1 на грав, 1 на чај, 1 на костени, 1 на ајвар итн. Сумирајќи ги податоците од двата регистри, доаѓаме до бројка од 58 заштитени географски називи.4
Во Студијата на Европската комисија за економската вредност на шемите на квалитет, на географските ознаки на потекло и на гарантираните традиционални специјалитети (Study on economic value of EU quality schemes, geographical indications (GIs) and traditional specialities guaranteed (TSGs)), објавена во 2021 година5, извлечен е заклучок дека цената на производите заштитени со географски назив е во просек двапати поголема од цената на производите кои не се заштитени со географски назив.
Несомнено е дека голема улога во тоа имаат маркетинг-кампањите кои им овозможуваат на купувачите да се запознаат со карактеристиките, со предностите и со квалитетот на производите. Доколку производителите на земјоделските и на прехранбените производи сакаат да ги користат бенефитите од заштитените производи со географски називи како во продажбата на домашниот пазар така и на странските пазари, непходно е да стекнат основни знаења за природата, за постапката, за начинот на заштита и за користењето на овие колективни права. Се разбира дека тука водечка улога треба да имаат властите како преку донесување на соодветни стратегии, нивна имплементација, така и преку постојана еукација и поддршка на производителите, на преработувачите и на операторите со земјоделски и со прехранбени производи. Со цел зајакнување на националната економија, поттикнување на агротуризмот, економско опоравување на руралните области, неопходно е поттикнување на производителите, на преработувачите и на операторите систематски да ги користат географските називи: започнувајќи со национално регистрирање на географските називи, потоа меѓународно регистрирање, сè до креирање и користење на грижливо планирана маркетинг-кампања.


1Бруто-домашен производ на Република Северна Македонија во 2022 година
2Пример кафето Колумбија, францускиот Champagnе, кубанските пури Havana, пршутата prosciutto di Parma, кашкавалот pecorino romano итн.
³Giovannucci, D., Josling, T., William, K. A., O’Connor, B., & Yeung, M. T. (2009). Guide to Geographical Indications – Linking Products and Their Origins. Geneva: International Trade Centre
4За компарација, бројот на заштититени географски називи во Грција изнесува 267. Видете повеќе во мапа на ЕУ со заштитетени ознаката на потекло и географската ознака во 2017, Study on economic value of EU quality schemes, geographical indications (GIs) and traditional specialities guaranteed (TSGs) Final Report стр.126.
5За компарација, бројот на заштититени географски називи во Грција изнесува 267. Видете повеќе во мапа на ЕУ со заштитетени ознаката на потекло и географската ознака во 2017, Study on economic value of EU quality schemes, geographical indications (GIs) and traditional specialities guaranteed (TSGs) Final Report стр.126.

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано