Економија
ЗА ПОМАЛИ ПЛАТИ ПОЛИТИЧАРИТЕ ЌЕ ЈА НАПУШТАТ ФУНКЦИЈАТА, НО РАБОТНИЦИТЕ ЌЕ ЗАМИНАТ ОД ЗЕМЈАТА, првиот синдикалец Слободан Трендафилов, за тоа доколку не се зголемат платите на работниците
21.08.2024
Доколку не се зголемат платите работниците ќе си заминат од државата, очекуваме средба со премиерот, изјави претседателот на Сојузот на Синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на денешната прес-конференција. Како што рече Трендафилов, тој е оптимист и очекува да има средба со премиерот Христијан Мицкоски за зголемување на минималната плата.
- Владата вети дека во првите 100 дена ќе седне да разговара со ССМ за зголемувањето на минималната плата на најмалку 450 евра. Јас сум оптимист дека средбата ќе се случи поради тоа што ја знам силата на работниците. Ние работниците мораме да бидеме слушнати и мораме да кажеме што се потребите на работниците. Очекувам средбата да се случи како што ветија тие во првите 100 дена, а исто така имаме побарано дополнителна средба и на 2 септември со генералниот секретар на Европската конфедерација на синдикати Естер Линч која од 1 до 3 септември ќе ја посети Македонија и ќе биде гостин на ССМ, рече Трендафилов во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција.
Трендафилов потсети дека ССМ во април има доставено барање за намалување на функционерските плати за 78 проценти, кое, како што кажа, стои затворено во фиока.
- Тоа што мене ме загрижува е што слушаме изјави од политичари дека доколку им се намали платата тие ќе ги напуштат нивните работни места. Тоа што нив треба да ги загрижува е дека доколку не се зголемат платите на работниците, работниците ќе си заминат од Македонија поради тоа што ќе имаат можност да работат во Црна Гора за 600 до 800 евра, во Бугарија за 500 евра, во Србија за 500 евра, БиХ за 500 евра, а да не зборуваме за Хрватска и за Словенија. Треба да седнеме и да разговараме и да ги надминеме сите проблеми и предизвици. Мора да не слушнат. Ние сме тука за тоа и затоа постоиме 78 години, истакна Трендафилов и додаде дека работодавачите од приватниот сектор со давањето плати во пликови и неплаќањето давачки на годишно ниво го оштетуваат буџетот за 250 милиони евра.
Согласно податоците што ССМ ги има обезбедено од УЈП, како што посочи Трендафилов, близу 34 илјади работници во државата работат за минималец или до минималната плата.
- Околу девет илјади работници примаат плата од еден денар до 23.567 денари што не само што не е законски, не само што не е хумано, туку е и кривично дело да го прави некој работодавач и од таа причина сметам дека 35 илјади работници заслужуваат зголемување на нивните плати, а апропо тоа заслужуваат зголемување на нивните плати и сите останати работници. Борбата за минимална плата е ниту еден работник да не биде на минимална плата, рече Трендафилов.
Тоа што го гарантираме во јавниот сектор, рече Трендафилов, е дека наредната година платата на вработените ќе расте со просечната плата, а тоа што го гарантираме во приватниот сектор секаде каде сме синдикално организирани, платите се пораснати повеќе од 50 проценти за последните две години.
Извор/фото МИА