Економија
ЛИСТА НА ПРОИЗВОДИ СО НАЈДОБРИ ЦЕНИ, МИНИМАЛЕЦ ОД 450 ЕВРА И ПОВИСОКИ ПЕНЗИИ, најави српскиот претседател Александар Вучиќ
24.08.2024
До среда во Србија ќе биде објавена нова листа на производи со најдобри цени за најважните производи, кои ќе бидат пониски и од цените што големите маркети ги даваат за акциска продажба, најави денеска Александар Вучиќ, претседателот на Србија.
Српскиот претседател изрази и благодарност што Владата ја прифатила неговата „идеја за зголемување на пензиите за 11 отсто, кои ќе бидат исплатени околу 10 јануари следната година“.
- Гледам дека се во тек разговори со работниците и мора да се подигне износот на неоданочен дел на платите од 25.000 на 28.500 динари. Со ова да им се помогне на работодавачите. Што повеќе го зголемиме минималецот ја намалуваме и сиромаштијата во земјата. Во мај и јуни годинава оваа минимална плата ја примале околу 100 илјади лица. Без дополнителни приходи, тие живеат на работ на егзистенција. Со поголем износ на минималецот, покажуваме и поголема грижа за работниците, изјави Вучиќ.
Според него, висината на минималната плата ќе ја покрива минималната потрошувачка кошничка и за прв пат во историјата минималната плата во Србија ќе биде над 53.000 или 53.500 динари (околу 460 евра), пренесуваат српските медиуми.
фото freepic