Економија

ЗГОЛЕМЕН БРОЈ НА БАРАЊА ЗА ЗЛАТНА ВИЗА ВО ГРЦИЈА, Атина од 1 септември ги менува условите за странските инвеститори

Во првите два месеца од годинава е зголемен бројот на нови барања на странските државјани за добивање на златна виза во Грција и нивниот број е поголем за 1.300 во однос на истиот период во 2023 година. Причина за тоа е одлуката на Грција да ја зголеми минималната инвестиција потребна за добивање златна виза од 1 септември годинава.  Како дел од напорите за справување со станбената криза, властите во Грција претходно објавија планови за зголемување на минималниот износ потребен за поседување Златна виза.

Одлуката ја објави грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, потврдувајќи дека условот за златна виза ќе се зголеми на 800.000 евра за инвестиции во недвижнини во најпопуларните области во земјата.

Почнувајќи од 1 септември минималната сума потребна за инвестиции во Солун, Миконос и Санторини, како и на островите со над 3.100 жители, ќе се зголеми од 500.000 на 800.000 евра.

Во други области, богатите странски инвеститори ќе треба да платат 400.000 евра наместо 250.000 евра за да купат имот и со тоа да добијат право да останат во земјата преку програмата Златна виза.

Сите имоти што се продаваат мора да бидат најмалку 120 квадратни метри. Дополнително, може да се купи само еден имот за да се достигне пропишаниот праг.

Истовремено, имотите кои не се користат како домови ќе имаат праг од 250.000 евра, колку што е предвидено и за наведените имоти кои бараат реставрација.

Статистиката на грчките власти за миграција и азил открива дека програмата Златна виза ја поттикнала економијата на земјата за речиси една милијарда евра во првите пет месеци од минатата година.

Во мај годинава грчкото Министерство за миграција и азил објави дека сè уште се разгледуваат вкупно 9.478 барања за златни визи, додека минатата година беа поднесени вкупно 6.228 барања, објави „Еуроњуз“.


фото freepic 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано