Економија
„Македонското прашање“ (за влез во eвропскиот сојуз?)
Никита Ристовски | Авторот е добитник на Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството што традиционално ја доделува Народната банка
Економија и бизнис | печатено издание | 15 јули 2024г.
Никита Ристовски е добитник на Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството што традиционално ја доделува Народната банка. Тој наградата ја доби за неговиот труд „Економски раст поттикнат од интеграцијата: Случајот на интеграцијата на Северна Македонија во Европската Унија“. Никита има дипломирано на University College London и моментално работи во Лондон како бизнис аналитичар во Alpine Interactive.
„Историјата се повторува, првиот пат како трагедија, а вториот како подбив.“ Карл Маркс
Со децении историчарите се во спор за Марксовиот радикализам истакнат во оваа мисла, повеќето одбивајќи го ставот дека крајните ефекти (настани) се неизбежно слични со тие во минатото. Век подоцна, различен контекст, слични сили на влијание, различно уставно име, но едно исто реторичко прашање. Да, токму тоа прашање: Кој е во право, современите историчари или Маркс?
Стигмата и циничните аргументи кои се шират за придобивките од долгоочекуваното членство во „престижниот“ сојуз се присутни како секогаш. Психологијата, во економските науки позната како „економија на однесување“ (behavioural economics), е истакната со скептицизам историски врежан во ДНК која го опкружува регионот − можеби еден од чинителите чиј коефициент на детерминација објаснува поголем дел од варијабилата на овој феномен. Да ве поштедам, овој труд не ја испитува статус кво ситуацијата, а ниту пак бурната историја, социоекономската ситуација и онаа психологија која П. М. Андреевски многу подобро ја доловува со аналогијата во „Пиреј“. Но, мотивацијата во овој труд е токму поврзана со оваа тематика − да се разбие цинизмот за идејата за приклучување во европскиот сојуз. Се надевам дека оваа колумна која е базирана на мојата емпириска студија спроведена со квантитативни методи ќе ја збогати економската свесност за економските канали кои, преку нашиот влез во ЕУ, можат да придонесат кон стимулација и раст на македонската економија. Добиените резултати од испитувањата ќе им бидат од корист на креаторите на економската политика за подобро разбирање на веројатноста поврзана со сценаријата кои ќе се развиваат по влезот во европскиот сојуз на секторски и на индустриски нивоа.
Економските придобивки од интеграцијата во европскиот пазар се одвиваат преку неколку канали на одредувањето на точното време кога ќе се случи третманот, што претставува предизвик. Кампос и соработниците (Campos et al.) идентификуваат 3 канали кои влијаат врз економскиот раст на новоприфатените држави, и тоа: отвореност на пазар, институциски (политички и економски) и технолошки канал (2019). Со оглед на тоа дека ЕУ ги обврзува кандидатите за влез да остварат одредени стандарди на институциски план, придобивките од овој канал се истакнати дури и во претпристапниот (pre-accession) период додека членките кандидатки се стремат да ги исполнат копенхашките критериуми. Овој транзициски период е проследен со конвергенција на законодавните, на извршните и на судските тела. Поточно, зголемената сигурност на имот (како и отвореноста на пазарите) води кон раст на странските директни инвестиции, како и намалените оперативни бизнис-трошоци кои се поврзани со бирократските процеси. Најпосле, технолошкиот канал кој преку РД (R&D [истражување и развој]) придонесува кон продуктивноста на трудот преку нови технологии и патенти, ќе биде клучен во економската конвергенција.
Методологијата која се употребува за процена на придобивките од сценариото Северна Македонија да се приклучучи во ЕУ се базира на прилично нов метод − метод за синтетичко моделирање (Synthetic Control Method) − првично развиен од Абади и Гардеазабал (Abadie & Gardeazabal, 2003). Впрочем, овoj метод се заснова на познат метод (difference in differences) употребуван во економетријата и во природните науки за спроведување експерименти. Методот се карактеризира со две групи: контролна и третирана група, овозможувајќи да се студира како варијабилноста на независните варијабли во третираната и во контролната група се одразуваат на зависната варијабла (бруто-домашен производ по глава на жител). Со други зборови, се врши процена − колку економските канали од ЕУ-интеграцијата (третирана група) се одразуваат на БДП по глава на жител. Предноста на оваа методологија е тоа што може да се добие подобар фит за третираната група. Во моделирањето се користат земјите кои беа примени во европскиот сојуз во 2004 и во 2007 година, притоа времето е нормализирано за 2004 година. Независните варијабли во периодот пред влезот на државата во ЕУ ја одредуваат „синтетичката држава“ (Македонија во сценарио да влезе во ЕУ) која се состои од процентуални делови на неколку држави (чиј делови = 100%). Притоа адекватниот збир на БДП (релативен со процентот на секоја држава) треба да наликува на македонскиот БДП во периодот пред пристапот кон ЕУ. Методот на споредливи метрики (comparable company analysis) кој често се користи во вреднувањето на бизнисите не е толку различен.
Сигналите кои ги најавува Европската Унија пред интеграцијата странските инвеститори неизбежно ги очекуваат како арбитражна прилика, а посочуваат дека економскиот раст поттикнат од интеграциските канали на една земја настапува пред официјалниот влез во ЕУ. Ова а битен факт бидејќи доколку во процесот на моделирање се одбере погрешна година во која настапува третманот (ефектите од ЕУ-интеграција), независните варијабли нема да определат соодветен фит за синтетичката држава. Со таа цел, одбрана е 2000 година како период во кој настапува третманот врз синтетичката држава. Независните варијабли кои мерат економски промени се исто така внимателно одбрани да не рефлектираат идиосинкратски шокови од интеграцискиот процес; притоа примероци се земени исклучително од држави чија економска големина наликува на македонската. Првиот графикон го претставува диспаритетот меѓу евидентираната/актуелната (actual [полна линија]) и синтетичката (испрекината линија) опсервација во однос на бруто-домашниот производ по глава на жител (Партитет на куповна моќ, константен 2017 $). Вертикалната испрекината линија го преставува периодот во кој третманот (ЕУ-интеграција) настапува врз синтетичката опсервација. Во опсервираниот период може се забележи прогресивно зголемување на растојанието меѓу синтетичката и актуелната опсервација, што потенцира дека придобивките прогресивно се зголемуваат со интеграциската длабочина. Имено, разликата во просечната годишна стапка на раст преку 20 години во однос на БДП по глава на жител меѓу евидентираната и синтетичка Македонија изнесува 7,09 %; во 2019 година, БДП по глава на македонски жител ќе достигнеше вредност повисока за 61,4 %.
Во поглед на продуктивноста на трудот која се асоцира со каналот на технологија, кој преку РД (R&D [истражување и развој]) влијае на економиите на обем, дозволувајќи поконкурентна атмосфера и можност за компаративна предност, резултатите не се толку обемни. Варијаблата на исходот преку која се мери продуктивноста на трудот е додатната вредност по работник (графикон 2). Просечниот годишен бенефит (2000 − 2019) е за 1,72 % поголем од просечната евидентирана продуктивност на трудот во овој период измерен во Македонија од Светската банка. Натамошната анализа на секторските нивоа ја продлабочува интерпретацијата за тоа како трансмисијата од овие канали ќе влијае врз секторите и поточно врз производствената индустрија.

Во последниов век економиите во развој (developing economies) се преобразуваат кон (исклучително) услужно базирани економии. Во споредба со развиените економии, оваа „прерана деиндустријализација“ (premature de-industrialisation) во неразвиените економии настапува при значително помали нивоа на примања – забавувјќи ги стапките на конвергенција (Rodrik, 2016). Безусловната конвергенција (unconditional convergence) во однос на продуктивноста на трудот e најзастапена во производствената индустрија (Rodrik, 2013). Нивото на потребни вештини во ваквите индустрии ја овозможува оваа „забрзана“ конвергенција, апсорбирајќи го невработениот труд застапен во овие мали економии. Интеграцијата на Северна Македонија во европските пазари ќе предизвика двоен шок. Прво, како мал играч на светските пазари, нашава земја нема да има сила за определување на цени. Второ, по либеризацијата на размена, доколку не се заснова на компаративна предност, производите кои дотогаш биле внатрешно произведувани ќе почнат да се увезуваат. Од тие причини, важна улога во оваа приказна ќе игра производството во (не)околните ЕУ-држави, а и внимателното планирање и следење на оваа ситуација од страна на економските агенти.
По графиконите 3 и 4, на кои се претставени секторот на услуги и производствената индустрија, се забележува значителен тренд на деиндустријализација – со ниска статистичка значајност (п-вредност > 0,1 за двата модела). Варијаблата на исходот за која се моделира синтетичкиот ефект е различна за услужниот сектор (додатна вредност по работник) и за производствената индустрија (додатна вредност кон БДП). Не земајќи ја предвид статистичката значајност, синтетичката држава во однос на услужниот сектор, која е составена од државите Бугарија (42,5 %), Романија (37,8 %) и Кипар (19,7 %), е доволно силен доказ дека ќе постои висока веројатност за деиндустријализација и раст на услужниот сектор по влезот на Северна Македонија во ЕУ. Од овие причини, економската (фискална) политика ќе игра улога за тоа како трудот и претприемништвата реагираат кон овие шокови на пазарот. Целната стимулација има потенцијал да оспособи економии на обем, кои ќе се проследат со компаративна предност во однос на производителите од други држави кои губат чекор (lag behind). Економиите на обем исто така бидат поддржани од истражувачките (R&D) буџети на ЕУ, од кои две третини се определени кон истражувања и напредок на производствените индустрии (Vengelers, 2013) – придонесувајќи дополнителна продуктивност на трудот преку (патентирани) технолошки напредоци.

Со оглед на препреките на европскиот пат на Северна Македонија, економската средина во која ќе пристапи кон сојузот е непредвидлива. Меѓутоа, овие индикатори кои го отсликуваат крајот на тој пат ќе бидат од критично значење во формирање на стратегијата за максимизирање на конвергенцијата кон европските пазари.
Во секој случај, анализата потенцира големи економски придобивки при влезот на Северна Македонија во ЕУ, дури и во случај на „прерана деиндустријализација“. Максимизирањето на овие придобивки, меѓутоа, ќе биде зависно, и во некои мерки определено од внимателното следење и стручните реакции на креаторите на економските политики.