Економија
ИРСКА ИМА ПРОБЛЕМ КАКО ДА ГО ТРОШИ БУЏЕТСКИОТ СУФИЦИТ, најголем дел од државните приходи доаѓаат од данок на добивка на глобалните компании
03.09.2024
Ирска трета година по ред се соочува со проблемот како најдобро да го искористи непланирано високиот вишок на пари во државниот буџет во износ од 8,6 милијарди евра.
- Проблемот е во тоа што Ирска се обидува да најде начин како овие пари да ги искористи за работи кои им се потребни на граѓаните, изјави Џералд Брејди, главниот економист во најголемото деловно здружение во земјата.
Економијата на Ирска минатата година порасна за пет пати побрзо од проекциите за раст и оствари суфицит од 8,3 милијарди евра, а во 2022 година од 8,6 милијарди евра.
Според пишувањето на „Фајненшел тајмс“, во периодот од 2024 до 2027 година Ирска планира да собере вкупно 38 милијарди евра.
За преполната државна каса најзаслужни се приходите од данок на добивка од глобалните компании со седиште во Ирска, главно од технолошкиот и фармацевтскиот сектор. Во 2023 година овие приходи ќе и донесат прилив од 23,8 милијарди евра, а годинава се предвидува да изнесуваат 24,5 милијарди евра, пренесе Б92.
Економистите веруваат дека штедењето на овие средства може да и наштети на земјата, затоа што овие средства не се користат за решавање на инфраструктурни проблеми во земјата. Посебно во ублажување на станбената криза поради поголемиот раст на побарувачката од понудата на слободни станови.
Ема Хауард, предавач на Технолошкиот универзитет во Даблин, смета дека Ирска дел од вишокот на средства треба да ги насочи кон општествените проблеми. Според податоците на Европската Унија, граѓаните во Ирска се „најизолирани“ во Европа, а речиси една петина од населението се чувствува осамено во поголемиот дел од времето, а две третини од луѓето страдаат од стрес и депресија. Освен тоа, секое седмо дете живее во домаќинства со помалку од 60 отсто од просечниот доход во земјата.
фото freepic