Економија

ПРАТЕНИЦИТЕ ГО ИЗГЛАСАА ЗАКОНОТ ЗА ЗАДОЛЖУВАЊЕ СО 500 МИЛИОНИ ЕВРА ОД УНГАРИЈА

Собранието денеска со 65 гласа „за“ го  изгласа Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем од половина милијарда евра од унгарската Влада, по скратена постапка. 

Во текот на општиот претрес за законот на продолжението на 14. седница опозицијата обвини дека договорот за заемот е направен зад затворени врати, со крајно сомнителни намери и носи огромни политички и економски последици со енормно зголемување на јавниот долг. Наспроти нив, од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека постапката е транспарентна и оти првпат има заем за кој однапред се знае за што ќе биде потрошен иоти ќе се помогне на општините и на стопанството.

Заемот  од Унгарската експорт - импорт банка, приватно друштво со ограничена одговорност, ќе се повлече во една транша, рокот за отплата е 15 години, со вклучен грејс период од три години, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,25 проценти. Ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати, на 15 февруари и 15 август секоја година.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски образложи ги претстави условите за заемот и посочи дека државава ќе и плаќа на унгарската Експорт импорт банка провизија за евентуално неповлечени финансиски средства во висина од 0,5 проценти од заемот, на годишно ниво.

- По изгласувањето на законот и потпишување на указот од страна на претседателката планираме веднаш да се потпише договорот и овие провизии да не се плаќаат по овој основ, рече Јанкуловски. 

Како што дополни, државава ќе ѝ плати провизија за извршени правни услуги на независна фирма избрана од  Унгарската експорт - импорт банка пред повлекување на траншата. 

-Од она што го знаеме е дека таа провизија ќе изнесува околу 70 илјади евра и  споредено со еврообврзницата што сме ја издале во 2023 година за ист износ на заем   сме платиле 880  илјади евра, а во 2021 година милион и 200 илјади евра, наведе заменик-министерот за финансии. 

Целта на обезбедувањето на заемот, посочи Јнакуловски, е да и се помогне на земјата да има одржлива надворешна финансиска состојба, истовремено поттикнувајќи ги економските прилагодувања и структурните реформи.

Пратеникот од опозициската СДСМ Фатмир Битиќи, истакна дека државата ќе биде и должник и ќе плаќа и провизии на фирма која нема сама да ја избере.

-Во случајов покрај провизијата од 0,5 проценти добиваме и скриени трошоци за правни услуги, кои во суштина немаат никаква врска  за македонсккте институции. Се појавуваат скриени трошоци за кои многу малку или воопшто не можеме да слушнеме ниту прочитаме. Никаде не стои колку е износот на скриените трошоци кон избраната консултантска куќа, така што измислените 70 илјади евра и можеби  700 илјади, или пак 7 милиони ги знае само Владата, но наскоро ќе видиме во отворени финансии, рече Битиќи.

Според него, со овој заем се остава постор за политичи манипулации и корупција, а странските заемодавци може да поставуваат услови кои ќе бидат неповолни за нашата држава и ќе влијаат на нашите внатрешни и надворешни политики. 

Реплицирајќи, Бране Петрушевски о ВМРО-ДПМНЕ,  рече дека додека Битиќи бил вицепремиер за економски прашања неговата влада го дуплирала јавниот долг од 4,7 милијарди евра на 8,9 милијарди евра.

- Да се зборува за тајност за едно задолжување кое што беше најавено уште во предизборниот период, за едно задолжување за кое што се дебатира со месеци е смешно. Тоа е така затоа што свесни се дека ова задолжување е далеку поевтино од сите нивни претходни задолжувања, затоа што неговата влада на овој поранешен вицепремиер замо од јануари до јуни 2024 година, за само шест месеци направија вкупни трошоци за камати во Буџетот од 182 милиони евра, а во истиот период во 2023 година биле 108 милиони евра, а во 2022 биле 83 милиони евра, рече Петрушевски. 


Извор МИА

фото freepic 

 

 

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано