Економија
БУРЕК, ЃЕВРЕК ОБИЧЕН, БРАШНО, ЛЕБ, ... СЕ НА ЛИСТАТА НА ПРОИЗВОДИ СО ПОНИСКА МАРЖА, оваа недела ќе почне примената на цените од „есенската кошничка“
23.09.2024
Оваа недела се очекува граѓаните да ги почувствуваат ефектите од владината одлука за ограничување на профитната маржа на дел од основните прехранбени производи. Цените на 73 прехранбени производи кои се дел од есенската потрошувачка кошница треба да бидат пониски до 31 октомври.
Од Министерството за економија велат дека одлуката ќе почне да се применува веќе следниот ден откако владината одлука ќе излезе во Службен весник.
Производите вклучени во есенската кошница на полиците, фрижидерите и разладните уреди, треба јасно да бидат обележани со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“.
Одлуката е донесена врз основа на податоците од Државниот завод за статистика, за индексот на трошоци за живот, кои покажуваат дека во август годинава во однос на декември лани евидентирано е зголемување на трошоците за храна за четири проценти.
- Согласно податоците, во консултација со работната група која беше формирана од претставници од министерствата за економија и труд, за финансии и за земјоделство, сметаме дека ваквото зголемување на трошоците за храна и безалкохолни пијалоци е прекумерно и несразмерно во однос на растот на трошоците за набавка и оперативните трошоци кои трговците ги имаат. Нашите проценки се дека со стапување во сила на оваа одлука трошоците за храна и безалкохолни пијалоци ќе се намалат во просек за околу 10 проценти, со што ќе се намалат и трошоците за живот во потрошувачката кошница за групата храна и пијалоци, истакна во петокот на прес-конференција министерот за економија Бесар Дурмиши.
Премиерот Христијан Мицкоски во саботата во изјава за медиумите рече дека со есенската потрошувачка кошница опфатени се производи што најмногу ги користат граѓаните.
- Оваа есенска кошница е таргетирана и е резултат на анкета што е правена со граѓаните за тоа кои се производите што оваа есен се најкористени. Иста таква кошница ќе има и пред новогодишните празници, ќе има и пролетна кошница така што нашата цел како Влада е производите кои се најупотребувани од страна на граѓаните да бидат опфатени со оваа мерка, истакна Мицкоски во изјава за медиумите дадена по посетата на општина Кавадарци.
Според опозициската СДСМ, мерките на Владата се задоцнети и нема да имаат ефект врз цените и стандардот на граѓаните.
- За жал, по најавената мерка на Владата дека се замрзнуваат маржите на само 73 производи, граѓаните не треба да очекуваат некаков ефект. Оваа мерка е калкулантска политика на Владата колку да замачкаат очи дека нешто направиле под притисок на јавноста. Сега е повеќе од јасно зошто со недели Мицкоски чекаше со намалување на цените на производите. Целта била да се најде решение колку да го има и тоа е во интерес на трговците, а не во интерес на граѓаните ниту нешто посебно ќе им помогне, оценија од СДСМ.
Во листата на производи спаѓаат:
- ориз бел во пакување од 900г до 1кг;
-брашно пченично, тип 400 во пакување од 1кг до 2кг;
-бел и полубел леб, векна, индустриски тип 450г (цел и на парчиња), со исклучок на свежо печен леб во маркетите;
-печени пекарски производи (ѓеврек обичен, бурек со месо и сирење, баничка со месо и сирење, симит погача и лисната кифла, обична и со сирење);
-бисквити, "Petit Beure" и бисквити обични од 300гр до 500 гр;
-тестенини (макарони и шпагети од тврда пченица без и со јајца од 500 гр (без додатоци).;
-масло за јадење од сончоглед, во пакување од 1 литар;
-месо, јунешко, без коски, од бут или некој друг дел;
-месо, свинско, без коски, од бут или некој друг дел;
-пиле (свежо и замрзнато) цело;
-пилешки стек (свеж и замрзнат);
-салама, шункова во пакување од 300гр до 800гр (без слајс пакување);
-чаен колбас, од свинско месо (без додатоци и без слајс пакување);
-чаен колбас, од говедско месо (без додатоци и без слајс пакување);
-пилешка посебна саламa во пакување од 300гр до 800гр (без слајс пакување);
-паштета од џигер или пилешка (кокошја), (без додатоци) во пакување од 95гр и 100 гр.;
-замрзната риба Ослиќ;
-трајно кравјо млеко (освен органско млеко и млеко со додатоци) со масленост 2,8 проценти, 3,2 проценти и 3,5 проценти во пакување од 1 литар;
-јогурт од кравјо млеко обичен, без додатоци, со масленост од 2,8 проценти до 3,2 проценти во пакување од 1 литар;
-кисело кравјо млеко (обично без додатоци) со масленост од 2,8 проценти и 3,2 порценти во пакување од 400гр до 500 гр;
-павлака од кравјо млеко, кисела со масленост од од 12 проценти до 20 порценти во пакување од 180гр до 400 гр;
-урда;
-традиционално кравјо бело сирење (без додатоци);
-традиционално мешано бело сирење (без додатоци);
-традиционален кравји кашкавал (без додатоци);
-традиционален мешан кашкавал (без додатоци);
-свежи јајца од кокошка, пакување 1/10;
-масло ,(путер), индустриски произведен (пакување од 250 гр.);
-маргарин, (обичен), пакуван од 250 гр;
-јаболка;
-праски;
-грозје трпезно;
-лимони;
-портокали;
-банани;
-исчистени ореви;
-грав;
-кромид;
-компир;
-морков;
-спанаќ;
-зелка;
-краставици;
-корнишони;
-лук;
-тиквици;
-боранија;
-домат;
-пиперки;
-карфиол;
-тиква;
-модар патлиџан;
-леќа;
-магдонос;
-брокула;
-праз;
-зеленчук замрзнат (мешавина) во фолија од 450 гр;
-зеленчук замрзнат од пченка, во фолија од 450 гр;
-зеленчук замрзнат од грашок, во фолија од 450 гр;
-боранија замрзната, во фолија од 450 гр;
-маслинки, црни;
-грашок конзервиран во пакување од 400гр;
-ајвар од печени пиперки, тегла до 660 гр;
-краставички, конзервирани, тегла до 720 гр;
-печурки маринирани (сецкани), тегла до 720 гр;
-шеќер кристал бел;
-џем и мармалад;
-чоколадо млечно обично, во пакување од 100 гр;
-кечап;
-мајонез во тегла од 660 гр;
-зачин (вегета, зачинал и слично);
-кафе пржено мелено пакувано од 200гр;
-сок кашест (матен) овошен од разно овошје во тетрапак од 1 литар
Извор МИА
фото freepic