Економија
ПОБЕДАТА НА ТРАМП ЌЕ СЕ ОДРАЗИ НА ГЕРМАНСКИОТ ИЗВОЗ ВО САД!, покажуваат прогнозите на ИФО, економскиот институт со седиште во Минхен
23.09.2024
Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во ноември годинава ќе се одрази на германскиот извоз, се прогнозите на ИФО, економскиот институт со седиште во Минхен.
Германскиот извоз во САД може да се намали за 15 отсто доколку се реализираат политиките за кои се залага Трамп, кои се однесуваат на зголемување на увозните царини, предвидуваат економистите во ИФО во заедничката прогноза со Econpola Europe.
Автомобилскиот и фармацевтскиот сектор ќе бидат најмногу погодени од повисоките американски царини, и овие сектори би доживеале пад на извозот за една третина. Индиректни последици ќе се одразат и на германскиот извоз во Кина, кој може да се намали за речиси 10 отсто, предвидуваат аналитичарите.
Во изборната кампања Трамп најави царини од 60 отсто на увозот од Кина во САД и 20 отсто на увозот од другиот свет. Царината од 20 отсто ќе ги поскапи германските производи на пазарот во САД.
- Доколку Трамп биде избран и започне нова трговска војна со Кина, Германија која има значителен извоз на кинескиот пазар, ќе почуствува големо влијание, изјави Лисандра Флеч, експерт за трговија во ИФО, пренесува „Сеебиз“.
фото freepic