Економија
ДПИ: ТРГОВЦИТЕ НЕ ЈА СФАТИЛЕ СЕРИОЗНО ОБВРСКАТА ЗА НАМАЛУВАЊЕ НА МАРЖИТЕ, денеска од ДПИ испратени се на терен повеќе од 40 инспекции со над 100 инспектори
25.09.2024
Трговците на основните прехранбени производи кои треба да имаат ограничена профитна маржа и ги немаат поставено ознаките „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ од денеска ќе се соочат со казни, информираат од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Во теренските проверки што биле направени во текот на вчерашниот ден, откако стапи на сила владината одлука за ограничување на маржата, инспекторите забележале дека во маркетите не се поставени потребните ознаки, иако тоа е обврска која е наведена и во самата одлука која во понеделникот е објавена во „Службен весник“.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски вели дека на трговците им дале рок ознаките да ги постават до крајот на вчерашниот ден.
- Екипите на ДПИ од утрово се на терен низ целата држава и уште денеска од 12 или од 13 часот ќе почнат со казнување на маркетите кои не си ја исполнуваат обврската, изјави Трајковски.
Денеска од ДПИ испратени се на терен повеќе од 40 инспекции со над 100 инспектори. Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, изјави дека трговците на мало не си ја сфатиле сериозно обврската за намалување на маржите за одредени производи, и затоа ќе бидат казнети од две до десет илјади евра.
- Во мојата лична обиколка на маркетите, граѓаните ми се жалеа дека не се намалени цените на некои производи. Но, да појасниме дека одлуката се однесува на ограничување на бруто профитната маржа. Доколку трговецот претходно одел со пониска маржа од десет отсто, тој нема обврска да ја намали цената. Некои пресметувале маржа од три отсто. Но сега ги зголемуваат маржите до десет проценти, за сметка на производите за кои се намалемни маржите. Ќе провериме дали во меѓувреме трговците ги зголемиле цените, но тоа не ни менува ништо, вели Трајковски, во врска со забелешките на потрошувачите дека претходно трговците ги зголемиле цените пред да стапи на сила одлуката на Владата за ограничување на маржата. Тој појасни дека со сегашната одлука не се замрзнуваат цените, како што беше случајот во претходните акции за ограничување на цените на производите.
- Со сегашната одлука се опфатени и пекарските производи и од утре ќе бидат контролирани и пекарниците дали постапуваат по одлуката, појасни Трајковски, на денешната прес-конференција.
Фото МИА