Економија

ПРЕМИЕРОТ ЌЕ ДАВА ОТЧЕТ ЗА 100 ДЕНА ВЛАДА, коалициониот партнер Вреди веќе оцени дека имаат направено значителна разлика со албанската опозиција

01.10.2024

Премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференција ќе ги презентира резултатите од првите 100 дена од работата на Владата. Под слоганот „100 проценти посветени, за тебе!“, премиерот ќе ги прикаже постигнувањата, проектите и мерките кои беа реализирани од новото раководство откако ја презеде извршната власт.

Првите 100 дена од Владата веќе ги одбележа коалицискиот партнер Вреди, а лидерите на партиите од коалицијата на настан под слоганот „Преминуваме на дела“, порачаа дека следува институционална борба за санкционирање на сите кои се огрешиле пред законот од минатата Влада. Оценија дека  за изминатите сто дена имаат направено значителна разлика со албанската опозиција и оти приоритети за иднината вклучуваат реформи во јавната администрација, енергетска транзиција и развој на човечки капитал.

Новата Влада беше избрана на 23 јуни и ја сочинуваат партиите ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и коалицијата Вреди. Владата има вкупно 20 министерства, додека владиниот кабинет брои 24 члена. Покрај премиерот, има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор. Има пет вицепремиери  и еден прв вицепремиер. Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ. 

На гласањето на Владата со таков состав претходеа измени и дополнувања на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со двотретинско мнозинство. Со нив се изврши промена на бројот на министерствата и менување на делокругот на надлежностите на дел од постоечките министерства во Владата.  По ангажманот на градоначалниците на Аеродром, Сарај и Гостивар во извршната власт, со двотретинско мнозинство, обезбедено со дел од пратениците од опозицискиот Европски фронт, неодамна беа изгласани и измени на Законот за локална самоуправа, со кои се продолжи до следните локални избори мандатот на в.д. градоначалниците.


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО