Економија

ПРОСТОРОТ ЗА ФИСКАЛНИТЕ СТИМУЛАЦИИ НА ЕКОНОМИЈАТА Е ИСТРОШЕН, посочуваат од Фискалниот совет кој потпиша меморандум за соработка со МАНУ

Со потпишувањето на Меморандумот за соработка со центарот за истражување при МАНУ, Фискалниот совет на РСМ, денеска го одбележува едногодишниот јубилеј од своето конситуирање на 10  Октомври 2023 година. Со меморандумот за соработка со Центарот за истражување при МАНУ, заедно со потпишаните меморандуми за соработка со останатите високообразовни институции и истражувачки центри во земјата и странство, се зголемува истражувачкиот капацитет на Фискалниот совет за следење и анализа на макроекономските движења во светот и во земјата како и состојбата во јавните финансии и ефектите и ризиците од фискалните политики.

- Во Современите услови, фискалните политики во светот и кај нас се засновани на правила. Дискреционите фискални политики се напуштени речиси во сите земји. На тој начин се обезбедува предвидливост и стабилност на фискалната политика со што се обезбедува и макроекономска стабилност и долгорочен инклузивен раст, изјави Глигор Бишев, претседател на Фискалниот совет.

Фискалните правила во Македонија, се во согласност  со практиките на фискалните правила на ЕУ земјите. Но како што нагласува Бишев, фискалните правила немаат само формален карактер.

- Нивното економско значење е уште побитно. Нивното долгорочно непочитување го успорува економскиот раст, ја поткопува макроекономската стабилност и ја изложува економијата на високи трошоци на прилагодување. Најсвеж пример на тој план е Грција, каде одржувањето на високата задолженост и високи буџетски дефицити на подолг рок доведе до рецесија. Затоа, заложбата за долгорочно почитување на фискалните правила е заложбата за просперитетна и стабилна економија, нагласи Бишев.

Во измината година Фискалниот совет успеа да изгради институционален капацитет за реализација на задачите и обврските утврдени со Законот за Буџети. Фискалниот совет на својата веб страна редовно ги објавува своите анализи, истражувања, мислења и информации (www.fsovet.mk) .

-  Согласно анализите  на ФС, фискалната политика го има истрошено просторот за значителни фискални стимулации на економијата. Ковид кризата, проследена со енергетската и инфлациската криза, целосно го потроши фискалниот простор. Веќе во почетокот на 2023 година јавниот долг речиси се доближи до максималната граница од 60 отсто од БДП. Задолженоста и буџетските дефицити на долг рок се неодржливи и можат да станат контрапродуктивни  за економскиот раст и стабилност. Потребна е консолидација на јавните финансии. Притоа, не треба да се направи брза контракција и да се предизвика ризик на успорување на економијата. Фискалната политика треба да биде постепена и долгорочна, изјави академик Абдулменаф Беџети.

Марина Трпеска, член на Фискалниот совет, посочи на активноста на во наредниот период која ќе биде насочена кон спроведување на Фискалната стратегија, што ја подготвува Министерството за финансии.

- Со консолидацијата треба да бидат опфатени централната и локалната власт, јавните институции и претпријатијата кои во моментот имаат достасани и неизмирени обврски во висина од 3,3 отсто од БДП во 2023 година. Овие обврски се зголемени заклучно со вториот квартал од 2024 година. Овој долг не е евидентиран во вкупниот долг на државата. Воведувањето на цврста буџетска и фискална дисциплина мора да биде во рамка за однесување на секој економски субјект од јавниот сектор, вели Трпеска.

Од Фискалниот совет искажаа и благодарност за досегашната соработка со Државниот завод за ревизија и со Министерството за финансии за градењето на нови институционални капацитети, како и на помошта од Светската банка за техничката и стручна помош.  

ПРЕПОРАЧАНО

Најчитано