Економија
ВИСОК ДНЕВЕН ПАД НА ФУНТАТА ВО ОДНОС НА ДОЛАРОТ, изјавата на гувернерот предизвика намалување на вредноста на британската фунта
03.10.2024
Британската фунта денеска значително ја намали вредноста во однос на доларот по изјавата на гувернерот на Банката на Англија Ендрју Бејли, кој навести „агресивно“ намалување на каматните стапки во идниот период доколку инфлацијата продолжи да се намалува.
Вредноста на британската фунта кон доларот во 13 часот падна за 1,17 отсто и се разменуваше за 1,3112 долари.
- Инвеститорите изјавата на гувернерот ја примија како зелено светло за значајно намалување на каматите, а неговата изјава го отежна заздравувањето на вредноста на фунтата, изјави Кетлин Брукс, директорка во компанијата ХТБ.
Банката на Англија одлучи на 19 септември да ја задржи референтната каматна стапка на пет отсто. Годишната стапка на инфлација во Велика Британија во август изнесуваше 2,2 отсто. Предвидувањата се дека годишната стапка на инфлација на крајот од 2024 година ќе изнесува 2,5 отсто, а економијата ќе расте на квартално ниво за 0,3 отсто, пренесе Б92.
фото freepic