Економија
ГЕРМАНИЈА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА МАСОВНО ВРАБОТУВАЊЕ НА РАБОТНИЦИ ОД ИНДИЈА
19.10.2024
Германија планира да го надмине проблемот со недостиг на квалификувана работна сила со масовно вработување на работници од Индија, најави Хубертус Хајл, германскиот министер за труд.
Заради спроведување на овој план ќе бидат донесени 30 одлуки за отстранување на бирократските пречки за вадење на работните дозволи за индиските работници.
Германија се соочува со голем недостиг на работна сила, а тесните грла го кочат растот и напредокот на земјата. Министерот смета дека состојбата ќе се влошува со натамошното стареење на населението, пренесе новинаската агенција ДПА.
- Состојбата во Индија е спротивна, тамошниот пазар на труд тешко ја апсорбира новата работна сила, дури и за високообразованите лица. Месечно околу милион луѓе се вклучуваат на пазарот на труд во Индија, па затоа и индиските власти ја потикнуваат миграцијата. Германија гледа во Индија како на посебен важен партнер, изјави Хајл.
До крајот на годината германското министерство за надворешни работи ќе го дигитализира издавањето на визи за Индија, а подоцна и за другите земји. На овој начин ќе се забрза процесот на вработување на странци, пренесува „Сеебиз“.
фото freepic