Економија
ВО СВЕТОТ СЕ НАМАЛУВА УЧЕСТВОТО НА ПРИХОДИТЕ ОД РАБОТА
19.10.2024
Во светот се зголемува разликата меѓу приходите од работа и приходите од капитал. Студијата на Меѓународната организација на трудот (ИЛО) открива дека глобалното учество на приходите на работниците во вкупниот доход се намали за 0,6 процентни поени во периодот од 2019 до 2022 година.
За разлика од приходите од капитал, учеството на приходите од трудот стагнира и поради тоа значителен дел на млади остануваат без вработување, образование или обука. Ова е еден од заклучоците во извештајот „Светското вработување и социјалните прилики“, во кој Меѓународната организација предупредува на зголемување на нееднаквоста и неправедната распределба на општественото богатство и приватниот профит.
- Земјите мораат да преземат чекори за да се спротивстават на ризиците од опаѓање на учеството на приходите од работа. Потребни се политики кои промовираат правилна распределба на економската корист, вклчувајќи слобода на здружување, колективно преговарање и ефикасна администрација на трудот, за да се постигне инклузивен раст и да се изгради пат кон одржлив развој за сите, истакнува Селеста Дрејк, заменик генерален директор во ИЛО.
Глобалната стапка на невработени млади лица, кои не се во образовниот процес или обука имаше скромен пад од 21,3 отсто во 2015 на 20,4 отсто во 2024 година, а предвидувањата се дека таа ќе остане на исто ниво во наредните две години, пренесува „Бизнис и финансии“.
фото freepic