Економија
ХРВАТСКИТЕ РАБОТОДАВАЧИ НЕ МОЖАТ ДА ГО СЛЕДАТ РАСТОТ НА ПЛАТИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР И НА МИНИМАЛНАТА ПЛАТА
23.10.2024
Најавеното зголемување на минималната бруто плата од 840 на 970 евра до Нова година, заедно со годинашното зголемувањето од 20 отсто, ќе придонесе за растот на инфлацијата. Растот на платите во јавниот сектор, не можат да го следат во приватниот сектор, и нема да има позитивни ефекти на пазарот на трудот, сметаат од Хрватското здружение на работодавачи.
За хрватските работодавачи растот на минималната плата за 15,5 отсто од идната година изгледа „амбициозно“ во однос планираното зголемување на минималната плата во земјите на Европската Унија. Во Германија минималната плата ќе се зголеми за 3,3 отсто, а во Чешка до 11 отсто, пишува „Нови лист“.
Од синдикатите во Хрватска се задоволни од растот на минималната плата, затоа што се тоа препораки од Европската комисија минималната плата да биде барем 50 отсто од просечната плата.
Во Здружението на работодавачи во Хрватска забележуваат дека во последните три години минималната плата се зголемувала двапати побрзо од просекот во ЕУ (за 14 отсто во Хрватска, а седум во ЕУ). Од 2019 година минималецот се зголемил за 92 отсто многу повеќе над кумулативната инфлација. Затоа, предлагаат бруто платите на среден рок да растат до пет отсто, односно над збирот на инфлација од два отсто и растот на продуктивноста за еден работен час од два до три отсто.
Продуктивноста на хрватската економија е ниска и тоа за 25 отсто во однос на земјите од средна и источна Европа и за 55 отсто во однос на просекот на ЕУ, пренесува „Сеебиз“.
фото freepic