Економија

ЗАЈАКНА МОЈОТ ОПТИМИЗАМ ЗА ЕНЕРГЕТСКАТА ИДНИНА НА ДРЖАВАТА, порача министерката за енергетика Сања Божиновска

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска учествува на 21. Виенски Економски Форум (ВЕФ) „Виенски дијалог за иднината 2024“. Како дел од годинашната тема „Регионалната економија како дел од европската и глобалната економија“, Виенскиот Економски форум на едно место ги обедини лидерите од цела Европа кои разговараа за клучните економски и политички прашања што ја обликуваат иднината на регионот.

- Она што денес го слушнав го зајакна мојот оптимизам за енергетската иднина на Македонија, особено во доменот на енергетската одржливост, економската конкурентност и одговорноста за животната средина, изјавила Божиновска, соопшти вечерва Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.

На Виенскиот економски форум, Божиновска во рамки на дискусијата за заедничката одговорност на економијата и политиката за обезбедување одржлива европска иднина, заедно со останатите учесници размениле ставови за тоа како државите можат колективно да ја зајакнат економската отпорност, да ја продлабочат посветеноста на енергетската транзиција и да се справат со предизвиците што ги носат глобалните промени во енергетскиот сектор.

- Една од клучните теми на кои дискутиравме беше како преку добро поставени стратегии за одржлива енергија, инвестиции во обновливи извори на енергија и одговорни практики за рударство може истовремено да се поттикне економски раст и да се обезбеди грижа за животната средина. Во таа смисла ја потенцирав важноста на вакви настани, кои се суштински за споделување добри практики и искуства. А преку поголема соработка и надградување на капацитетите дома, изјавила министерката Божиновска.

За нашата држава, нагласила таа, учеството во вакви дискусии не е само политика, туку и одраз на нашата тековна работа и стратегија за интегрирање на обновливите извори на енергија, поддршка на економската стабилност и создавање силни партнерства.

- Посветени сме на развој на долгорочен стратешки пристап кој интегрира неколку сегменти - промовирање политики кои се усогласени со енергетските стандарди на ЕУ, намалување на нашата зависност од конвенционалните ресурси и прифаќање еколошки практики во нашиот енергетски и рударски сектор, истакнала министерката.

Учеството на собири како Виенскиот Економски форум, според неа, ја нагласуваат важноста и улогата на државата во поширок, европски контекст и  големата важност на обединетиот пристап кон овие предизвици.


Фото: Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини

ПРЕПОРАЧАНО