Економија

Кадиевска Војновиќ: ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА

Колумна на Маја Кадиевска Војновиќ | Поранешен вицегувернер на НБРСМ

Во претходниот текст ги анализирав факторите на инфлацијата и поскапениот живот. Но, растот на цените на храната намерно беше изоставен зашто бара посебно внимание. Во земјите со пониско ниво на доход, како што е Македонија, населението троши најмногу на храна. Во домашниот индекс на цени на потрошувачите (CPI – Consumers Price Index) преку кој се мери инфлацијата, храната е со пондер од 37,5 %, а заедно со безалкохолните пијалаци е 40,2 % . Ова значи дека 40 % од расположливиот доход на населението во просек иде на потрошувачка за храна и за безалкохолни пијалаци. Наспроти ова, во ЕУ потрошувачката за храна, заедно со алкохол и со тутун, е 21 % од домашниот буџет. 



Цените на храната во светски рамки се високо варијабилни и зависат од многу фактори. Варијабилноста на цените на храната во голем дел ја отсликува сезонската динамика на цените на земјоделските производи, но врз нив влијание имаат и климатските шокови, разните конфликти во светот, шпекулациите на финансиските пазари итн. Последните шокови, пандемијата со ковид-19 и војната во Украина, влијаеја на понудата на храна и ги нарушија синџирите на испорака што доведе до привремени поскапувања на храната. Разгорувањето на конфликтот на Блискиот Исток има потенцијал да влијае во истата насока.
Покрај влијанието на меѓународните цени, на домашна сцена врз цените на храната влијание има и капацитетот на домашното производство на храна, односно колку земјоделството и прехранбената индустрија можат да ја опслужат домашната побарувачка за храна. Но, на домашна сцена гласни се тврдењата дека домашното производство на храна, особено земјоделското производство, значајно се намалува, а увозот на земјоделски производи е скап, што ја предизвикува инфлацијата.
За тоа каква е состојбата во домашното производство на храна подетално ќе се задржам во некоја од наредните колумни. Засега ќе се осврнам на тоа дали увозот на храна беше скап во последниве епизоди на кризи и како се пренесе врз малопродажните цени на храната. Но, сакам да укажам дека увозот не мора да значи дека секогаш е поскап од домашното производство зашто, да потсетам, глобализацијата во последниве неколку декади беше често цитирана причина за одржување на ниски цени на глобално ниво или за отсуството на инфлациските притисоци. Глобализацијата го направи концептот на компаративна предност релевантен, кој вели дека економијата треба да произведува одредено добро или услуга по пониски опортунитетни трошоци од нејзините трговски партнери. Според овој концепт, економиите треба да произведуваат стоки и услуги за кои имаат изобилство на влезни клучни фактори на производство (природни ресурси, работна сила, капитал, продуктивност). Така, специјализацијата на економиите во производство на нешто во што се најдобри и најконкуренти заедно со трговската либерализација доведе до пониски цени. И тоа беше во пракса досега, но каде се измести сликата? Шоковите во последниве години и започнатиот протекционизам, негативно влијаат врз глобалните цени, вклучително и врз цените на храната.


Со оваа анализа сакам да дадам одговор на две прашања:
1. Дали малопродажните цени на храната во домашната економија во последниве кризи беа рефлексија на увозните цени на храна?
2. Дали малопродажните цени на храната беа под влијание и на цените на домашното земјоделското производство и на цените во прехранбената индустрија?

Нивото на цените на храната е значајно подигнато во однос на просечното ниво пред ковид кризата. Трошоците за храната во август 2024 година се повисоки за 48 % во однос на просекот од 2019 година. Од друга страна, ФАО-индексот на цени на храната (FAO-Food price index) за овој период е повисок за 27 %. Овој индекс ги мери месечните движења на меѓународните цени на кошницата за прехранбени производи во која се вклучени цените на месото, на млечните производи, на житарките, на маслата и на шеќерот. Овој индекс поинтензивно започна да се зголемува од средината на 2020 година за време на ковид кризата, го достигна врвот во март 2022 година и оттогаш наваму бележеше намалување сè до март 2024 година (две години по ред) по што следуваа три месеци на месечен раст и во јули и август повторно намалување. За разлика од овој индекс на меѓународни цени на храна, трошоците за храна во домашната економија или конкретно цените на храната почнаа поинтензивно да растат од август 2021 година, што претставува повеќе од година на временско задоцнување откако започна растот на овој индекс. Растот на домашните цени на храна на периоди беше прекинат поради замрзнувањето на цените, но продолжен по нивното одмрзнување. Движењата на ФАО-индексот на цени на храната (FAO-Food price index) и на домашните цени на храната од ковид кризата наваму не следеа иста траекторија и секоја директна споредба ја изместува вистинската слика.
Но, ако во равенката се додадат увозните цени на храната, сликата се менува. Движењето на имплицитната увозна цена на храната покажува голема корелација со движењето на домашните малопродажни цени на храната, а таа во август 2024 година во однос на просекот од 2019 година е зголемена за 38,4 %. Исто така постои силна позитивна врска меѓу увозните цени на храната со продажните цени на домашен пазар на производителите во прехранбената индустрија, имајќи предвид дека одредени суровини за домашното производство на храна се од увоз.
Паралелно со увозните цени, растот на малопродажните цени на храната го следеше растот на продажните цени на домашните производители на прехранбени производи и на цените на домашното земјоделско производство сè до првиот квартал на 2023 година кога се прекина врската. Цените во прехранбената индустрија и цените на домашното земјоделско производство потоа забележаа надолна корекција, но нивото на малопродажните цени не се намали. Така цените на производителите на прехранбени производи на домашен пазар во август 2024 година се повисоки за 30 % од просекот во 2019 година, цените на земјоделското производство без овошје и зеленчук за 25 % и на вкупното земјоделско производство за 10,4 %. Наспроти ова, малопродажните цени на храната, како што кажав погоре, забележаа раст од високи 48 % во овој период.
Во графиконите подолу може да се забележат силните врски меѓу малопродажните цени на храната со увозните цени на храната и домашните цени на земјоделското производство и на прехранбената индустрија. Овие врски се претставени вкупно за храната и одделно за избрани производи, т. е. за месото, за лебот и за житарките, за млечните производи, за зеленчукот и за овошјето. Малопродажната цена на месото е значајно под влијание на увозот и ја следеше траекторијата на увозната цена, особено ако се направи нејзин просек од дванаесет месеци. Ова значи дека малопродажните цени денес зависат од просекот на увезените цени на месото во претходната година. Цените на лебот и на житарките во малопродажбата покрај од увозните цени се под влијание на домашните цени, но не го следеа нивното надолно движење со ист интензитет како и растот. Цените на млекото и на млечните производи ги следат значајно домашните производни цени и во голем дел увозните цени. Кај цените на зеленчукот и на овошјето, увозната цена доминантно ја условуваше малопродажната цена до средината на 2023 година, а пак домашните цени не бележеа позначаен годишен раст. Ваквата динамика се измени оттогаш, а домашните цени на зеленчукот и на овошјето во последнава година бележат значен степен на нестабилност. Кај зеленчукот, годишното намалување на цените во земјоделството не се преслика врз малопродажните цени од почетокот на 2024 година.
Задржувањето на високи малопродажни цени на храната, при намалени увозни цени, цени на производители на прехранбени производи и цени во земјоделството, само го потврдува фактот дека трговските маржи се одржуваат на високо ниво заради остварување на висока профитна маргина. Затоа Законот за нефер трговски практики е исправно системско решение кое треба да профункционира во пракса за да нема нерамномерно богатење на поединци на сметка на населението и надвор од пазарните законитости. Пазарот е тој што ги диктира цените и така треба да остане. Искуството од кратките периоди на стабилизација на цените на храната поради замрзнувањето на цените на одредени прехранбени производи покажа дека по одмрзнувањето повторно цените бележат раст. Шринкфлацијата – или намалената количина на производите, при задржување на високи цени − треба да претставува сигнал за населението да внимава и да ја избегнува оваа манипулација. Пазарот е голем, изборот е голем и конкуренцијата треба да ги сруши овие пазарни манипулации.

ПРЕПОРАЧАНО