Економија
Цените на мало во јануари-март годинава повисоки за 3,8 отсто, на земјоделските производи за 5,5 отсто
07.04.2025
Инфлацијата мерена преку индексот на трошоците на животот во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, изнесува -1,3 %. Намалувањето на инфлацијата во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, е резултат на намалувањето на трошоците на животот во следните групи: Храна и безалкохолни пијалаци за 3,0 %, Транспорт за 1,8 %, Мебел, покуќнина и одржување на домаќинствата за 0,6 %, Алкохолни пијалаци, тутун и наркотици за 0,5 % и Разновидни стоки и услуги за 0,3 %. Во март 2025 година, во однос на февруари 2025 година, зголемување на трошоците на животот е забележано во следните групи: Домување, вода, електрика, гас и други горива и Облека и обувки за 0,4 %, Ресторани и хотели за 0,3 %, Комуникации и Здравје за 0,2 % и Рекреација и култура за 0,1 %. Трошоците на животот во групата Образование остануваат на исто ниво како и во претходниот месец.
Индексот на цените на мало во март 2025 година во однос на февруари 2025 година изнесува 99,1. Индексот на трошоците на животот во март 2025 година, во однос на март 2024 година, бележи зголемување од 2,7 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 2,2 %.
Индекси на цените на мало во периодот јануари-март 2025 година во однос на јануари-март 2024 година е зголемен за 3,8 отсто. Во групата за земјоделски прозводи цените на мало во истиот период се зголемиле за 5,5 отсто, на прехранбените производи за 4,9 отсто, за пијалоци за шест отсто и за услугите за 4,9 отсто, објави Државниот завод за статистика.
Инфлацијата во март 2025 година споредено со февруари бележи намалување од 1,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика, објави на Фејсбук министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.
Според него, мерките на Министерството за економија и труд даваат резултати, а цените на основните прехранбени производи се стабилизираат и се намалуваат.
Од Министерството за економија и труд потсетуваат дека замрзнати биле цените на осум групи основни прехранбени производи: млеко, леб, брашно (тип 400 и тип 500), јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко.
- Целта на овие мерки е заштита на стандардот на граѓаните, намалување на цените на основните прехранбени производи и стабилизација на инфлацијата, се вели во соопштението.