Економија
Издадени 28 решенија за привремена забрана за работа на диско-клубови и угостителски објекти
11.04.2025
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) по трагедијата со пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, од 17. минатиот месец до вчера извршил 297 надзори кај угостителски субјекти, диско-клубови, ресторани, кафе барови, кабареа, гостилници и издал 360 прекршочни платни налози, 28 решенија за привремена забрана на дејност, 12 за отстранување неправилности. Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца кај 17 констатирани се неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови, соопшти на денешната прес-конференција, портпаролот на Владата, Марија Митева.
- Издадени се вкупно 360 прекршочни платни налози во вкупна вредност од 3 милиони 436 илјади денари, 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност кои вршеле дејност без лиценца или пак без исполнување на минимално-технички услови и 12 решенија за отстранување на неправилности за прекршоци утврдени согласно Законот за угостителска дејност. Од вкупно 23 правни субјекти со активна лиценца кај 17 субјекти констатирани се неправилности во делот на исполнувањето на минимално техничките услови последниот извештај којшто го дадовме пред јавноста беа 15, денеска веќе се 17 и за истите е доставена информација до министерството за економија и труд, рече Митева.
Портпаролката рече дека издадени се вкупно 28 решенија за привремена забрана за вршење на дејност, кои вршеле дејност без лиценца или не ги исполнувале минимално-техничките услови и 12 за отстранување на неправилности. Кај субјектите е утврдено дека не ги исполнувале минимално-техничките услови коишто се предвидени согласно закон и изречена им е забрана за вршење на дејност, а информација преку записник е испратена до Министерството за економија на увид. Појаснувајќи за какви неправилности се работело, таа додаде дека останати правни субјекти коишто вршеле дејност без лиценца или е утврдено дека и тие не исполнуваат минимално-технички услови во моментов се под постојан мониторинг, имаат забрана за вршење на дејност, за што е информирано Министерството за економија, објави МИА.