Економија

„Зелена линија“ за развојот на Трансевропска транспортна мрежа

Во Скопје денеска се одржува тркалезна маса со наслов „Зелени пратенички групи на Западен Балкан - средба со Транспортната заедница“. Овој настан се организира во соработка помеѓу Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Зелените пратенички групи на Западен Балкан, во рамки на зајакнување на политичката посветеност за спроведување на Зелена агенда и одржлива мобилност во регионот.

Тркалезната маса има за цел да го унапреди дијалогот меѓу пратениците, институциите и експертите за транспорт, преку разгледување на досегашниот напредок во спроведувањето на Transport community treaty action plan, развојот на Трансевропска транспортна мрежа (ТЕН-Т) мрежа, како и клучните мерки во рамки на Стратегијата за паметна и одржлива мобилност на Западен Балкан. 

- Добро е што се вмрежуваме со другите интерпарламентарни групи од соседните земји. Гледаме колку е неопходно нашата заедничка соработка и во однос на квалитетен транспорт. Транспорт што помалку загадува, тоа се тие брзи зелени железнчки линии, за кои си дадовме и одреден рок, дека ќе патуваме така. Нема потреба да патуваме со авиони до Белград и до Загреб, ако имаме таканаречена „зелена линија“, изјави денеска пратеничката Велика Стојкова - Серафимовска во рамки на тркалезната маса „Зелени пратенички групи на Западен Балкан - средба со Транспортната заедница“, што се одржува во Скопје.

Амбасадорката на Сојузна Република Германија, Петра Дрекслер во обраќањето на почетокот од настанот, рече дека Германија останува посветен партнер на земјите од Западен Балкан во зелената транзиција на регионот, обезбедувајќи финансиска и техничка поддршка преку Германската развојна банка (KfW) и Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

- Нашата заедничка цел е климатски одржлива и просперитетна Европа. Преку иницијативи како Регионалното климатско партнерство - каде го усогласуваме Берлинскиот процес со Зелената агенда за Западен Балкан, ја потврдуваме поддршката на Германија за заштита на климата и за зелената транзиција во региониот. Преку овој механизам заеднички работиме на зајакнување на одржливата инфраструктура, подобрување на енергетската безбедност и создавање нови економски можности, посочи амбасадорката.

Таа рече дека Германија веќе се обврза на финансиска поддршка за Регионалното климатско партнерство: до 500 милиони евра на краток и среден рок, како и дополнителни 1 милијарда евра до 2030 година за инвестиции во зелена енергија.

Директорот на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек рече дека спроведувањето на Зелената агенда за Западен Балкан бара храбро лидерство, бидејќи претставува стратешка визија за иднината на регионот со помалку загадување, достапен превоз и паметни решенија.

Транспортот во Европската Унија и на Западен Балкан, како што истакна тој, е еден од главните елементи што ги поврзува луѓето, го поврзува преносот на добрата, но, „исто така, за жал, една четвртина од емисиите што предизвикуваат загадување се предизвикани од транспортот не само во регионот, туку и во ЕУ“.

- Влијанието на овие промени може да го забележиме и денес, не само во воздухот што го дишиме и во временските промени за време на зимата, во градовите во Западен Балкан, истото го забележуваме и во Скопје, туку и тоа го забележуваме во однос на ефектите на климатските промени врз инфраструктурата. Пример за ова се трагичните настани што се случија во БиХ, поплавите што ги засведочиме што влијаат навистина на патната инфраструктура, подвлече Закоњшек во изјава за медиумите.

Јасна Секулович, координатор на проектна компонента при Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ), рече дека токму зелените партии се оние пратеници коишто сакаат да вложат труд, сакаат да вложат време во промовирање одржливи политики за транспорт, исто така и зелени политики за транспорт.


Извор МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО