Економија

Бислимоски: Инсталираниот капацитет од обновливи извори на енергија првпат е поголем од 50 проценти

Инсталираниот капацитет од обновливи извори на енергија (ОИЕ) лани првпат е над 50 проценти, вклучувајќи ги и големите хидроелектрани. Од инсталираниот капацитет 55,72 процента отпаѓа на ОИЕ, термоелектраните учествуваат со 34,65 проценти, а когенеративните електрани со 9,63 проценти, истакнува претседателот на РКЕ Марко Бислимоски во интервју за МИА.

Првпат во Македонија инсталираниот капацитет од обновливи извори на енергија (ОИЕ) е над 50 проценти, вклучувајќи ги и големите хидроелектрани. Вкупниот инсталиран капацитет е 2.984 мегавати, а само во 2024 година се направија нови 351 мегават исклучиво од ОИЕ, од кои најголем дел се фотоволтаични електрани иако имаше и неколку ветерни електрани. Со тоа 55,72 процента од инсталираниот капацитет отпаѓа на ОИЕ, термоелектраните учествуваат со 34,65 проценти, когенеративните електрани со 9,63 проценти. Во моментов фотонапонските електрани се 28,4 проценти од инсталираниот капацитет во државата, хидроелектраните со 24,13 проценти, а останатите видови на ОИЕ како ветерни електрани се 3,19 проценти.

Карактеристично е што во 2024 домашното производство  на електрична енергија е 6.129 гигават часови и е за 6,47 проценти помало отколку во 2023 година, а во однос на 2022 година е поголемо за 8,79 проценти. Домашната потрошувачка е задоволена со 89 проценти, а увозот на електрична енергија изнесува 11 проценти. Најголем пораст на производството на електрична енергија во 2024 во однос на претходната година има кај фотоволтаиците за 186 проценти и се произведени 853 гигават часови. Во вкупното производство во 2024 година ОИЕ учествуваат со 41 процент, а останатите постројки со 59 проценти, изјави Бислимоски.

 

 

ПРЕПОРАЧАНО