Економија
Брзата пруга на Коридор 10 ќе биде „златната кокошка” за Македонија, изјави министер за транспорт Александар Николоски
06.05.2025
Изградбата на брза пруга на Коридор 10 несомнено ќе биде „златната кокошка” на Макeдонија бидејќи ќе носи многу профит, изјави денеска вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Во интервју за Радио Лидер, Николоски рече дека со новата пруга во патничкиот сообраќај брзината ќе биде од 160 до 200 километри на час, а во карго превозот до 120 километри на час.
- Сакам да имаме пруга со која во карго делот со 120 км на час ќе бидеме конкурентни на најдобрите пруги во Европа, што значи дека државата ќе се поминува за нешто час и половина што многу ќе значи за развојот на трговијата и очекувам тоа да е златната кокошка на Македонија. Многу профит ќе ни носи ако ја изградиме железницата на Коридор 10. Се работи за економски највиталниот коридор во цела Европа, односно може да носи најмногу пари, истакна вицепремиерот Николоски.
Како што соопшти Министерството за транспорт, Николоски во интервјуто потенцирал дека активно се градат четири нови автопати, а во постапка е јавен повик за изградба на уште еден, пренесува МИА.