Економија

Грција и Италија ќе инвестираат над 700 милиони евра во грчката железница

Геополитичките прашања, миграцијата, безбедноста, енергетиката, климатската криза, но и билатералните односи, биле темите за кои разговарале италијанската премиерка Џорџија Мелони и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на нивната денешна средба во Рим, како и на вториот меѓувладин состанок меѓу Грција и Италија одржан по пауза од осум години, а паралелно беа потпишани и 14 договори и меморандуми, јави дописничката на МИА од Атина.

Меѓу меморандумите што ги потпишаа, едниот е за надградба на електричното поврзување на двете земји, со цел тројно зголемување на постојниот капацитет, а другиот за инвестиции во железничкиот транспорт со оглед на тоа што грчката „Hellenic Train“ припаѓа на италијанската државна групација „Ferrovie dello Stato“ и со кој Италија се обврзува да инвестира 360 милиони евра за купување на вкупно 23 возови, а Грција ќе инвестира 400 милиони евра.

Договорот доаѓа по железничката несреќа кај Темпи на крајот на февруари 2023 година, во која животот го загубија 57 лица.

- Ова е многу важен договор, бидејќи од една страна, Грција е повикана да инвестира над 400 милиони во суштинска надградба на мрежата, во санирање на штетите од големата климатска катастрофа, односно големата поплава што ја имавме минатата година, како и во инсталирање на најсовремени безбедносни системи. А италијанската страна се обврзува да инвестира 360 милиони евра за набавка на нови возови, нови депоа, за да можат грчките железници да го достигнат нивото на кое се италијанските железници денес, рече Мицотакис.

Мелони од своја страна посочи дека овој договор со Министерството за транспорт на Грција „дава нов импулс во стратешкото партнерство“.


Извор/фото МИА

 

ПРЕПОРАЧАНО